„Кога станува збор за регионот на Западен Балкан, гледам четири предизвици. Најнепосреден е Северна Македонија и Албанија што поскоро да ги започнат пристапните преговори со ЕУ“. Ова меѓудругото го изјави за порталот „Бука“ од Бања Лука – специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Србија-Косово и други балкански прашања, Мирослав Лајчак.
„А предизвикот што мислам дека е најсуштински е прашањето каков ќе биде Балканот. Ќе има ли Балкан кој ги споделува европските вредности, кој промовира демократија и владеење на правото, кој се бори против корупцијата и кој има независни медиуми и граѓанско општество? Или ќе добиеме општества во кои нема ништо од тоа, а да имаме некаква авторитетна влада без почитување на европските вредности. Овој натпревар се случува токму сега додека разговараме и мислам дека е многу важно и ЕУ и земјите од регионот да се приклучат не само административно, туку пред се според заедничкиот систем на вредности. Мислам дека Западен Балкан е многу оригинален регион. Кон него, човек не може да има рационален, туку емотиван однос, бидејќи тоа е регион кој генерира многу емоции. Сигурно дека го имам тој однос, врз основа на сопственото искуство. Сум инвестирал многу години за да ја направам мојата земја, Словачка, европска не само во географска, туку и во вредносна смисла членка на ЕУ. Знам и колку тоа и помогна на мојата земја и сакам да го искористам моето лично искуство за да му помогнам на Западен Балкан бидејќи не верувам дека има подобра алтернатива и подобра иднина од членството во ЕУ“ вели Лајчак во интервјуто.