Лукаревска: Оптимист сум дека Уставните измени ќе поминат, во Парламентот има прогресивни сили кои знаат што значи оваа шанса

Директорката на УЈП и потпретседателка на СДСМ Сања Лукаревска во интервју за Канал 5 порача дека земјава треба максимално да се посвети на домашните задачи, да се прават реформи и вели дека кога земјата е во скрининг процес, не е ниту време ниту место за референдум.

„Не го знаеме прашањето за референдум. Јасно беа поставени црвените линии кои беа изгласани со 68 гласови во Собранието. Го имаме македонскиот јазик и идентитет, историјата е надвор од преговарачкиот процес. Кое прашање би требало да го поставиме? Дали сакаме да одиме во Европската Унија? Мора да одиме напред сите во овој процес“, истакна Лукаревска.

За обвинувањата од опозицијата дека им бил спречен влезот на нивни симпатизери на прославата на Илинден, Лукаревска вели дека празникот значи стаменост, слободарски дух но во политичко опкружување не смее да се дозволи политичарите да си бидат непријатели едни на други, а годинава прославата покажала дека празникот има обединувачки момент.

„Оваа година го прославивме достоинствено Илинден. Се покажа дека празникот е обединувачки момент за напредок на државата. Премиерот Ковачевски имаше одличен говор, ние се водиме на патот кон Европската Унија и не сакаме изолација и блокади, сакаме благосостојба на народот“, порача Лукаревска.

Таа кажа дека на вакви манифестации ниту се добиваат ниту губат избори, а на прашањето за евентуални предвремени парламентарни избори, таа само кажа дека партијата неколкупати го повторила ставот дека избори ќе има, но во редовниот термин во 2024. Во однос на ребалансот на буџетот и новите мерки Лукаревска вели дека се одвојуваат многу повеќе средства за таргетираните категории на граѓани и истакна дека истите ќе бидат навремено имплементирани.

„Со ребалансот имаме нова обврска, имаме нов износ на средства кои треба да ги прибереме. Повеќе од 20 милијарди. Повеќе средства ќе има за социјална помош, земјоделство, придонеси за плати, зголемени пензии но и повеќе средства за енергетска ефикасност. Мерките ќе бидат навремени бидејќи во моментот се следат сите капацитети. Ова не е спринт туку маратон, сите знаеме дека не чека долга есен и тешка зима“,

На прашање од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали во УЈП има истрага за лица кои според опозицијата вршеле рекет на одредени компании, таа кажа дека случајот бил пријавен од нивна страна.

„Направени се соодветни контроли и вработените беа повикани на разговор, во интерес на предистрагата на надлежните органи не би сакале да прејудицираме, но доколку има луѓе кои ја злоупотребиле својата должност, секако дека ќе одговараат пред Законот“, порача Лукаревска.

Лукаревска истакна и дека од 1ви јануари 2023 ќе има зголемување на лимитот на парични средства кои граѓаните можат да ги добијат од апликацијата „Мој ДДВ“ од постоечките 1.800 денари на 2.100 денари, со тенденција сумата повторно да се зголеми во 2024 на 2.400 денари. За протестите на вработените во „Колска“ кои револтирани од шесмесечното блокирање на фабричката жиро-сметка од страна на УЈП ја блокираа железничката постојка во Велес, Лукаревска вели дека ги разбира вработените, но одговорите треба да ги побараат кај раководниот тим кој не ги плаќале долговите кон УЈП.