Јошевска: Одлучноста на Русковска наспроти процедуралните пропусти

Треба да се поздрави демонстрацијата на решителноста, храбро и посветеноста на обвинителите да се дојде до вистината околу (не)законитостите во финасиската полиција. Но една очекувана законита постапка се претвори во недолична, суетна и театрална препиекса помеѓу Русокоска и Арафат што се претвора во врескање и инаетење. Доведена е во прашање личната и институционална компетенција. Зошто? Адвокат Сузана Јошевска Атанасовска со свој одговор.

Кога обвинителство кое е формирано да гони организиран криминал и корупција активно презема дејствија на проверка на наводи за сторен криминал од страна на актуелен директор на, ни повеќе ни помалку, финансиска полиција, која е една од институциите со кои ова обвинителство не само што има редовно комуникација, средби и соработка, туку и од каде треба да добива добар број на кривични пријави, тоа  не е пораз на правната држава, туку напротив, би требало да биде показател за одлично функционирање на правната држава и сите да се гордееме што имаме обвинителство кое гони криминал без оглед на тоа од каде или од кое лице е сторен. Оттука, јас искрено и целосно ја поддржувам и поздравувам оваа демонстрација на одлучност, храброст и посветеност на обвинителите на ОЈО ГОКК, на чело со обвинителката Вилма Рускоска. 

Сепак, незапазувањето на процедурата е првиот огромен проблем според кој оваа битка е изгубена уште речиси пред да започне. После наводите на Државниот обвинител за незаконитости и скандалозни давања на лажни податоци до судот можеме да речеме дека е готово, царот е гол, разоткриени се недостатоците и прекршувањата. Не врви во овој случај аргументот „ама така отсекогаш се правело“. Таа грешка на прекршување на процедура се исправа само со признавање на истата и следен пат преземање на дејствија со ред и со сенс за почитувавње на сите права на сите странки во постапката. Со инатење и врескање дека се врши притисок само затоа што се бара заштита од арбитрерност, не само што се покажува немоќ, туку сериозно сугерира на некомпетенција. А кон граѓаните се праќа опасна порака. 

Вториот проблем е продлабочувањеето на скандалот со недоличната, суетна и театрална преписка во која ниту една страна не е заинтересирана за презентирање на фактите , ниту од материјална ниту од формална гледна точка, туку сме сведоци на ситнопазарџиско и адолесцентно препирање за тоа кој погласно ќе ги викне странците да судат кој бил во право. Сериозни, стабилни професионалци вака не постапуваат. За да градат доверба во институциите , граѓаните имаат потреба да видат дека на сериозни раководни позиции во сериозни институции седат професионалци со сите придружни карактерни особини за органот и позицијата која ја претставуваат и кои можат самостојно, без помош која доаѓа од надвор, да се справат со сите предизвици.