Гледано од перспектива на една иднина временска дистанца, 12-ти декември 2021 година ќе биде запишан како еден од најапсурдните денови на македонската декомратија. Историчарите ќе ги изучуваат изборите и конгресот на двете најголеми партии, како еден најмал заеднички содржател на се што не е добро во нашето општество – дисфункционалноста, недовербата, безнадежноста, но пред се тоталната колективна и индивидуална деградација на основните човечки вредности и достоинство. Од денешна перспектива пак, овој ден детерминира дека треба да помине уште време пред да видиме светло на крајот на нашиот долг и мрачен тунел.
Од една страна ги имаме изборите во СДСМ. Тие четири години го поткопуваа легитимитетот на Мицковски поради тоа што беше инсталиран од претходното раководство како претседател на кој што поширокото членство не му го знаеше ни името. Денеска ова истото СДСМ, врз основа на “препорака” на актуелниот лидер избра лидер на кој што исто така пошироката јавност и членство не му го знае името. Да биде трагедијата уште поголема, додека Мицковски го бираат околу 400 “лојалисти”, за овој непознат човек излезе да гласа половина од членството.
Како еден таков, непознат, неискусен и нелегитимен лидер предвидувам дека Ковачевски нема да може да го спаси бродот на СДСМ кој што одамна е потонат. Ова особено доколу стане мандатар за премиер – транизиција во која тој многу тешко би успеал без гараниција на моменталниот премиер.
Имено, без разлика на тоа дали Ковачевски е или не е вешт технократ, сметам дека општата и домашна историја покажуваат дека успесите и искуството во приватниот сектор (ако искуството на Ковачевски воопшто може да се класифицира како такво) воопшто не значат гаранција за успех и во политиката. Да, вештините и духот потребни за успех во приватниот сектор се добредојдени и во политиката. Но тие мора да бидат надополнети со разбирање на стратешките проблеми на државата, геополитичкиот контекст, потребите и менталитетот на различните општествени групи, спецификите за менаџирање со државниот апарат и слично. Но пред се еден лидер мора да има одредена природна харизма и легитимитет, кој се гради со долгогодишно докажување пред народот и потенцијалните парнтери и конкуренти.
Позицијата на Ковачевски како премиер ќе беше многу тешка, дури и тој да ги исполнуваше сите гореспомнати критериуми. Имено, постои огромно разочарување од СДСМ, нивната коалиција е на стаклени нозе, а со најновата реконструкција на Владата тие контролираат многу малку министерства. Додатно, изгледа не чека уште едно разочарување од ЕУ. Така, дури и најсовршениот лидер би имал мали шанси за успех.
Од друга страна го имавме конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Повторно враќајќи се на апсурдите на нашата политика, сакам да потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ пред половина година ги исмеваа изборите за лидер во СДСМ како северно корејски, затоа што Заев беше единствен кандидат. На 12-ти декември оваа партија го стори истото на еден собир кој со сите честитки и “тапкање по рамо” повеќе личеше на приватен роденден на лидерот од што на нешто друго. Тука пак апсурдот се мултиплицира со тоа што некои од главните тапкачи беа луѓе кои во минатото отворено го напаѓаа Мицкоски како нелегитимен или несоодвете лидер на партијата. Колкумина од нив и се надеваа на пораз за ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, со цел да ја “спасат” партијата?
Некои од нив тврдат дека “очите им се отворија” по локалните избори – и ако многу добро знаат дека за тој успех пред се е заслужна власта кој потфрла на секое можно ниво и која скоро буквало запали 15 луѓе во Тетово. Сепак, реалноста не е дека тие прогледале, туку дека ги имаат напуштено и последните идеали и надежи за реформа, па единствено што им останува е остварување на голиот личен интерес – а равенката на интересот многу јасно покажува што треба во моментов да се прави.
Така, ни во ВМРО-ДПМНЕ не може да вложуваме големи надежи дека ќе ја извади државата од живиот песок во кој е западната – и ако е се поизвесно дека ќе дојде на власт. Тука слабостите се пред се во тоа што луѓето кои ќе треба да спроведуваат некаква власт во голем дел не веруваат во таквата политика, која и онака веќе одамна не содржи ништо освен критиките кон власта за проблеми кои сите добро ги знаеме и без да ни ги кажат.
Ова се ја става државата во една “lose-lose” ситуација на краток рок. Сепак, на среден и долг рок надежта произлегува од тоа што политичкиот систем кој се развива во континуитет од независноста до денес ќе стане толку делегитимиран што ќе колабрира или толку дисфункционален што дури и тие што денес профитираат од него нема да имаат интерес од неговото преживување и ќе се самораспуштат. Не знаеме дали тоа ќе не донесе до нешто подобро или нешто полошо, но барам ќе имаме шанса да се надеваме. Моменталниот status quo е веќе неиздржлив!