Koj e новиот лидер на социјалдемократите во Македонија?
Димитар Ковачевски е новиот претседател на СДСМ. За него денеска гласале 37.649 членови на партијата.
За неговиот противкандидат Јован Деспотовски поддршка дале 3.319 социјалдемократи, а Фросина Ременски добила 2.836 гласа.
Неважечки биле 602 ливчиња.
Ковачевски доаѓа на местото на Зоран Заев кој беше лидер на СДСМ од 2013 година.
и кој по неуспехот на локалните избори во октомври најави оставка и од лидерската партиска, но и од премиерската функција.
Димитар Ковачевски е роден 1974 година во Куманово. Доктор е на економски науки и вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ колеџ – Скопје.
Работната кариера ја почнал во Македонски телеком АД Скопје, а потоа напредувал на повеќе менаџерски позиции.
Во својата професионалната кариера Ковачевски работел на низа корпоративни проекти за интеграција на деловни процеси заради зголемување на ефикасноста и профитабилноста на компаниите, дел е од проектните тимови за имплементирање на SAP интегриран систем за управување со материјалното и финансиско работење и CRM интегриран систем за управување со клиенти, како и од воспоставувањето високотехнолошка стартап компанија за производство и развој на елементи за производство на електрична енергија од обновливи извори (2018-2020).
Средното образование го завршил во Вотервил Елизиан Мористаун гимназијата во Минесота, САД.
Во 1998 година дипломирал на Економскиот факултет при УКИМ каде и магистрирал во 2003 година.
Докторските студии по економија ги завршил на Економскиот факултет на Универзитетот Црна Гора во 2008 година. Поминал и стручно усовршување на Школата за бизнис на Харвард универзитетот во 2011 година, Европскиот претприeмнички колоквиум на Техничкиот универзитет во Минхен каде стана ЕФЕР ЕЕЦ алумни, на Ротердам школото за менаџмент при Еразмус универзитетот во Холандија и ЕАДА Бизнис школата во Барселона.
Во 2020 година бил дел од Економскиот совет на Владата на Република Северна Македонија за справување со економските последици од корона пандемијата.