Интензивно се гасне пожарот и од земја и од воздух меѓу беровските села Митрашинци и Будинарци. Командирот на ТППЕ-Берово, Сашко Руменковски за МИА вели дека уште рано наутро почнале хеликоптерите да исфрлаат вода од воздух, со што е спречено да се шири огнот кон боровата шума.
Тој посочи дека пристигнуваат и колеги пожарникари и доброволци од соседните градови и од цела држава. Руменковски вели дека сега е направен обрач и не е дозволено да се шири огнот.
Според кажаното од првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов од утрово од 5ч на терен е еден хеликоптер кој интензивно го гасне пожарот, додека Ер-тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување ќе пристигне околу 10 часот.
Во пожарот кој вчера бил пријавен нешто по 13 часот гори нискостеблеста дабова шума во непристапен терен, а утрово на местото ќе пристигнат и пожарникари од Виница, Радовиш, Кочани, Струмица, Тетово.