Мицкоски за референдумот: Се фокусираме на преговарачката рамка

ретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ги отфрли шпекулациите дека референдумот кој ќе го иницира неговата партија ќе се однесува на вметнувањето на Бугарите во Уставот. Првиот човек на најголемата опозициска партија објасни дека тие се фокусираат на преговарачката рамка, поточно на делот во кој се вградени обврски од билатералниот договор меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Мицкоски рече дека целиот процес од т.н. француски предлог опфаќа три елементи – договорот со Бугарија, уставни измени и усвојување на преговарачката рамка во која е вграден договорот со Бугарија, откако ќе се случат уставните измени.

„Ние немаме намера да се фокусираме преку референдумското изјаснување во тој дел (на Уставот н.з.) затоа што тоа се три различни процеси. Имаме билатерален договор, протоколот е дел од тој билатерелан договор каде што има историја, култура итн. Вториот процес, којшто е независен од првиот, е промената на Уставот и вметнувањето на Бугарите во преамбулата. Третиот процес, којшто зависи од вториот процес, а тоа е усвојување на преговарачката рамка во којашто, пак, е вметнат шверцерски првиот процес, а тоа е протоколот и билатералниот договор. Вториот процес, а тоа е промената на Уставот, веќе одговорив дека гарантирам дека нема да се случи. А, гаранција за тоа е зборот на 44 пратеници од коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и останатите слободомислечки пратеници…. Ние се фокусираме на преговарачката рамка. Односно, да бидам уште попрецизен, членот 5, алинеја 4 од преговарачката рамка, каде што е вметнат протоколот и билатералниот договор. Тука треба да одлучат граѓаните дали прифаќаат. Дали прифаќаат ваква преговарачка рамка којашто ниту една од 27 земји членки и Албанија сега 28., немала, каде имаме билатерален договор“, изјави Мицкоски.

Тој вети и дека кога ќе дојдст на власт, ќе ги поништат сите штетни одлуки на актуелната владејачка гарнитура.