Со одржувањето на првата Меѓувладина конференција и почетокот на скрининг процесот, Северна Македонија вчера по 17 години чекање го направи првиот чекор на пристапување кон Европската Унија.
На Меѓувладината конференција во Брисел присуствуваше владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој отварачката изјава ја прочита на македонски јазик. Според Ковачевски, вчерашниот ден е историски затоа што по 17 години го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски и генерациски сон.
– Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност, изјави Ковачевски по одржувањето на првата Меѓувладина конференција.
За реализација на оваа стратешка цел, како што рече, донесени се тешки одлуки кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност.
-Граѓаните на Северна Македонија се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство. Ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, а не да останеме заложници на минатото, истакна Ковачевски.