Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски по официјалниот почеток на преговорите за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ, одржа прес-конференција во Советот на Европската Унија во Брисел.
,,Конечно, 17 години потоа и многу тешки компромиси, се отвора процесот за прием на Северна Македонија во големото европско семејство, во Европската Унија. Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денес е денот кога отпочнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност.
Денешниот ден е историски за нас. Долгоочекуван и сосема заслужен. Им честитам, но исто така и им благодарам на граѓаните, за нивната истрајност и за јасната визија за тоа каква држава сакаме да изградиме и да оставиме на идните генерации.
Овој ден, им е посветен ним, на сите наши граѓани, но и на сите државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници кои имаа храброст да сонуваат, да имаат визија и напорно да работат за да ја исполнат.
За да ја реализираме оваа стратешка цел, направивме многу. Донесовме тешки одлуки кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност. Патриотски одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата. Овие државнички одлуки се вистински показател како се сака државата. Не постои поголем патриотизам од јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и на сите граѓани.