Азербејџан нема гас за ЕУ, па ни за Србија

Азербејџан нема вишок гас на располагање за Европа, па ни за Србија додека не отвори нови наоѓалишта на гас, изјави денеска претседателот на Собранието на Здружението за гас на Србија, Воислав Вулетиќ.

Тој за агенцијата Бета изјави дека целиот достапен гас во таа земја е резервиран за гасоводот ТАП што преку Грција и Турција води до Италија.

-Добро е што Европа го затвори гасоводот „Северен тек 2“ и што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен отиде во Азербејџан да преговара за зголемување на количината на гас за Европа, но таму нема гас ни за нив ни за Србија додека не се отворат нови гасни наоѓалишта, а за тоа се потребни осум до десет години, изјави Вулетиќ.

Тој додаде дека за Германија нема да има гас од Азербејџан во следните десет години и дека „ако во таа земја нема гас за Урсула, нема гас ниту за Србија“.

Вулетиќ рече дека големи светски резерви на гас „Јужен Фарс“ се наоѓаат во Иран, но дека не постои гасовод и тој не може да се испорача во Европа.

Министерката за рударство и енергетика на Србија Зорана Михајловиќ вчера изјави дека во септември следната година ќе заврши изградбата на гасниот интерконектор Србија-Бугарија.

-Да го почекаме септември следната година и гасоводот да се заврши и верувам дека многу порано ќе имаме договор со Азербејџан, изјави Михајловиќ.