Започнуваат ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ – 12 дена фолклор од регионот, Европа и САД на отворено во Битола

„Од корените до цветот“ тоа е мотото на 52 издание на Фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“ кој на денес започнува во Битола и ќе трае цели 12 дена.

Со најобемна програма досега, која за прв пат вклучува и Интернационален фестивал на етно филмови, па ќе следуваат работилници, изложби и стручен симпозиум кои ќе бидат убав вовед во фестивалските вечери, кои повторно со големото дефиле по улиците на Битола стартуваат на 26 и ќе завршат на 30 јули, испланирани се до детал сите фестивалски денови кои на едно место ќе соберат над 1.000 учесници.

„Оваа година започнуваме порано, а поводот е навистина посебен. Иницијативата во рамките на фестивалот да заживее и филмот како медиум, ја реализиравме и од годинава Илинденски денови се и организатори на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој носи 11 филмски наслови од кои 6 се долгометражни. Селектор на фестивалот е познатиот македонски новинар кој живее во Франција, Тони Гламчевски и кој заедно со својата сопруга таму организираат фестивал кој ги надмина нивните национални граници. Оттука и сериозноста на овој проект, кој со таа поддршка оттаму, дава сериозни намери и за локалната домашна филмска продукција да го негува етно жанрот, зошто конечно истиот добива свој фестивал кај нас„- истакна директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска Илијевски по повод 52 издание на Илинденски денови.

Гости од Шпанија, Мексико, Колумбија, САД, Полска, Италија, Србија и десетици домашни ансамбли ќе го донесат националниот фолклор низ улиците на Битола, под светлата на фестивалските сцени кои годинава ќе ги има и на стари и познати, но и на некои сосем нови локации.

Ова е и фестивал, кој пред неколку години на светскиот конгрес во одржан во Индонезија се здоби со сертификат кој го стави на листата на 100 најдобри светски фестивали за фолклор од страна на меѓународната фолклорна организација CIOFF, која се грижи за унапредување на грижата на нематеријалното културно наследство, фолклорот и традициите, со што ја продолжуваат мисијата на УНЕСКО, со која CIOFF е во официјално партнерство, станувајќи познат и признат ширум светот.