„Нема промена во ставот на Бугарија, нема ништо што јавноста не знае“. Ова денеска го изјави привремениот бугарски премиер Стефан Јанев во Народното собрание во врска со преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Тој посочи дека на состанокот на Советот на министри донеле став кој следната недела во Брисел ќе биде претставен пред Советот за општи работи.
„Она што го гледаме – медиумскиот ентузијазам што го покажаа странските лидери или странски медиуми, мислам дека не треба длабински да го коментираме во бугарскиот Парламент, бидејќи од оваа говорница не можеме да им кажеме на нашите колеги од соодветните влади што и како да направат“ рече Јанев.
Тој потенцираше дека позицијата на Бугарија за Република Северна Македонија, но и за целиот регион на Западен Балкан е постојана и непроменлива.
„Нашиот став е дека не само Република Северна Македонија, туку и Западен Балкан, како регион, ја заслужува својата европска иднина, а Бугарија низ годините не само што се изјасни, туку и придонесе за подготовка на овие земји на нивниот пат кон европска иднина“ – рече Јанев.