Прес-службата на преодната влада на Бугарија соопшти дека земјата нема да го промени ставот за Северна Македонија до крајот на годината и нема да ја одобри преговарачка рамка за земјата со ЕУ.
„Бугарија ќе се придржува до Декларацијата на Националното собрание од 10. октомври 2019 година во врска со проширувањето на ЕУ и Процесот за стабилизација и асоцијација на Република Северна Македонија и Република Албанија, како и до Рамковниот став за европската перспектива на Република Северна Македонија и Албанија усвоен од Министерскиот совет на 9 октомври 2019 година и поддржан со декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година“ – информира бугарската владина прес-служба.
Официјална Софија смета дека Тирана е подготвена да ги започне преговорите за членство со ЕУ.
„Сепак, двете земји во моментов се движат во пакет кон ЕУ. За Бугарија, основниот принцип на сопствените заслуги на секој кандидат останува одлучувачки. Бугарија смета дека Албанија е подготвена да напредува на патот кон ЕУ и е подготвена да го поддржи усвојувањето на Преговарачката рамка за земјата и одржувањето на првата Меѓувладина конференција“ – стои во соопштението.