Ременски: Борбата на суети и борбата за влијанија и позиции во СДСМ мора да заврши

Фросина Ременски – еден од кандидатите за лидер на СДСМ во интервју за МИА вели дека она на што ќе се фокусира да го направи е да ја врати моќта во базата од каде ќе се црпе легитимитетот на одлуките.

„Ќе ја свртам пирамидата наопаку. Базата ќе биде врв – врвот ќе биде основа, додава таа и ветува максимална автономија на младинските и женските организации“ вели Ременски.

Таа смета дека „Обединувањето на партијата е најтешката задача што и претстои на партијата. Тоа не значи дека, членовите на партијата делат дијаметрално спротивставени гледишта за одредени прашања од значење за иднината на државата, туку значи промена на пристапот во работата со членовите на партијата, активистите и симпатизерите. Борбата на суети и борбата за влијанија и позиции во партијата мора да заврши. Враќањето на единството и обединувањето на партијата треба да се врати со искрен пристап и во статутарна процедура. Неприфатливо e членството и граѓаните ставовите за членови на партијата, партиските раководства и односите во партијата да ги градаат преку пропагандна и валкана кампања по медиумите и социјалните мрежи и низ таа призма да прифаќа или да отфрла некого“ вели Фросина Ременски.

Таа најави дека ќе ја обедини партијата и ќе ги повика сите искрени членови и борци на СДСМ да седнат на иста маса, да се погледнат во очи и да разговараат.

„Тој чин ќе биде пресуден за иднината на партијата, а јас сум убедена дека само така – преку укажана чест, почит и признание на секој – сите ќе заклучат дека целта за која се залагаме е иста, но пристапот бил фер или не. СДСМ мора да ги врати во активните редови заборавените кои го носеа товарот во тешки опозициски времиња и не бараат ништо од партијата, освен да имаат почит и уважување на нивната жртва. Мора да се почитува различното мислење и да се гради култура на дебата, а не наметнување на решенија и идеи. Промоциите од типот кој кого поддржува, и шпекулациите кој кого не поддржува не се во прилог на единството и обединувањето, туку водат кон дополнителна поделба на членството. Тоа во овој момент и следниот период не е потребно и за општеството и за партијата“ заклучува Ременски.

Во недела на 12. декември СДСМ ќе го бира новиот лидер, а освен Ременски, кандидати за позицијата се и Димитар Ковачевски, односно Јован Деспотовски.