Мицкоски: На Ковачевски не му бараме ништо, само нека каже НЕ!

„Уште вчера кажав, понудив се повлекуваме и од предвремени избори, се повлекуваме од се, ќе помогнеме нека помине зимата, граѓаните да можат мирно да поминат, заеднички ќе се обединиме. Не му бараме ништо, само нека каже не. На пролет март, април пак ќе седнеме, ќе реавулираме состојбата ќе видиме што понатаму. Тоа беше едната понуда. Втората јас му реков, еве од преговарачката рамка ако сте толку сигурни дека сте го заштитиле идентитетот да ги тргнеме точките каде што се повикува на Годишните извештаи, каде што се повикува на Протоколот од втората меѓувладина и каде што во записникот од втората меѓувладина која што ќе ја има нашата влада условно со ЕУ се трга делот каде што стои дека преговорите започнуваат веднаш после измената на Уставот“.

Ова денеска го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потенцираше дека „ние нема да почнеме сега преговори, тоа мора граѓаните да го знаат. Албанија ќе почне, не ние. Ние ќе треба да го смениме Уставот. Ние ова го потпишуваме за Албанија да почне преговори, не Македонија. Тоа треба секој еден граѓанин на Македонија да го знае. Немам ништо против Албанците, нека си почнат, ако ЕК оценила дека местото на Еди Рама е таму, а местото на Македонија не е таму, тоа е одлука на ЕК, јас тука не се мешам“.

На прашање дали очекува Владата ќе ги слушне барања на опозицијата, Мицкоски рече:

„Ако има малце разум кај Ковачевски и останатите, треба да го слушнат тоа што народот го зборува затоа што тие повеќе не се грижат за иднината на овој народ и на државата отколку самиот народ за својата иднина и за Македонија. Мислам дека овие десетици илјади кои што излегуваат секој ден овде пред платото на владата се тие коишто можеби за прв пат во овој период од годината громогласно му упатуваат порака и на Ковачевски и на останатите таму во владата дека ова што го прават е погрешно и дека тие не се согласуваат со тоа“.

„Да го сочуваме идентитетот, односно да го сочуваме достоинството на граѓаните, тоа беше мојата понуда, и втора понуда исто така му дадов, му реков, ако верува дека се ова вистински европски преговори, вистинска европска преговарачка рамка, во која што не е начнат македонскиот идентитет тогаш ајде точка 11 и точка 14 од записникот на првата меѓувладина да ги тргнеме, за да знаат граѓаните за што зборувам точка 11 е онаму каде што се става измената на Уставот како услов за отпочнување на преговори, а точка 14 реферира на протоколот што треба Османи да го потпише заедно со Генчовска од втората меѓувладина во која што се содржани историја и образование и историски личности и тн., а пак овие две точки потоа се поврзани со преговарачката рамка заедно со Копенхагеншките критериуми и договорот за стабилизација и асоцијација еве и тоа му го понудив. Ајде овие четири работи да ги тргнеме и јас заедно ќе излезам со тебе и ќе ја поддржам преговарачката рамка и ќе побарам сите ние заедно да го поддржиме, еве ова е порака и до Европа, ова е порака и до сите оние бирократи во Брисел кои што следат и кои што вршат притисок овде ова да помине во влада. Еве нека ги тргнат тие две точки од записникот на првата меѓувладина и овие две точки од преговарачката рамка јас лично и ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржиме. Но за жал очигледно дека одговорот е негативен“ е пораката на Мицкоски.