Министерката за надворешни работи на Велика Британија – Лиз Трас денеска ќе го објави сеопфатниот долгорочен план за помош во обновување на Украина, кога ќе заврши тамошната војна, најавуваат тамошните медиуми.
Трас на конференција за обновување на Украина во Швајцарија, ќе ги претстави британските проекти за краткорочна поддршка на земјата со испраќање хуманитарна помош, но и долгорочна, со цел да закрепне украинската економија преку британското знаење на финансиско и на економско поле.
Во 2023 година, Велика Британија планира да организира конференција за обнова на Украина и да отвори канцеларија во Лондон за да ја координира оваа работа.
„Закрепнувањето на Украина по руската агресија, ќе биде знак на моќта што демократијата ја има над автократијата. Со тоа ќе му се покаже на Путин дека неговите обиди за уништување на Украина, само доведоа до посилна, поразвиена и пообединета земја“ – нагласи Трас пред конференцијата во Лугано.
Во средата, британската Влада објави за издвојување на 1,16 милијарди евра дополнителна воена помош за Украина, со цел земјата да одговори на руската инвазија. Помошта вклучува системи за противвоздушна одбрана и беспилотни летала.
Со ова издвојување, вредноста на британската воена помош за Киев се зголеми на 2,3 милијарди фунти.