Филипче: Предлогот не е идеален, но идеално нема да добиеме

Поранешниот министер за здравство – Венко Филипче на Фејсбук го сподели својот став во врска со францускиот предлог за решавање на спорот со соседна Бугарија.

„Ги живееме најемотивните моменти на поновата македонска историја, време во кое се носат историски одлуки за иднината на државата.

Ако нешто знам, тоа е дека во овие моменти најважно е да се задржи разумот за да може темелно и објективно да се анализираат опциите. Емоциите не се добар сојузник, а оние кои ги искривуваат фактите со цел подгревање на емоциите, прават голема штета.

Она што треба да го направиме е да ги „извагаме“ можностите кои сега се на маса и да ги предвидиме следните чекори при секое од можните сценарија. Ова е нужно за да донесеме државничка и одговорна одлука.

Прашањата кои треба да ги одговориме се:

1) Дали во брзо време и догледна иднина можеме да добиеме подобар предлог од овој? На ова прашање немаме одговор, но факт е дека далеку поголеми се шансите да немаме ниту брзо нова можност ниту подобар предлог.

2) Дали со фактот (а тоа е факт) дека како Македонци кои говорат македонски јазик не го исполнуваме клучното ветување кое го дадовме пред себе, да го заштитиме јазикот и идентитетот? Мислам дека одговорот е да. Точно е дека остануваат отворени прашања во делот на историјатак, но во истиот дух и со исти сили ќе ги решаваме во билатералните преговори со Бугарија. Тие нема да бидат услов за нашите преговори.

3) Каква е разликата ако Бугарија реши да не блокира додека преговараме и ако воопшто не почнеме да преговараме и останеме блокирани? Навистина не ја гледам разликата како ќе имаме подобри позиции без почнати преговори, без решен јазик (а тоа е факт, јазикот го решаваме). Кој гарантира, во ваква несигурна состојба во Европа и светот, дека утре ќе имаме подобри услови? Кој знае дали во Бугарија ќе има „поразбрана“ власт која ќе ги прифати сите наши барања?

Слушнавме многу квалификации, пораки, но и небулози од опозицијата. Многу начини како да се блокира решението, но, не и што после блокадата? Кои се алтернативите, колку време и најважно – како планираат тие ова подобро да го решат? Или планот е да останеме на статус кво уште неколку децении?

Предлогот не е идеален, но идеално нема да добиеме. Овој предлог кој е прифатен од сите европски земји е најдобриот кој сме го добиле досега. Имало и други предлог – решенија, но тие не биле прифатени од сите, со тоа и не може да се каже дека се решенија. Затоа, да бидеме мудри и одговорни“ напиша Филипче.