Шест инвеститори заинтересирани за Алта банка, Славески разговарал со домашни банки

Продажбата на Алта банка е најреалното сценарио и најдобрата опција за заштита на средствата и имотот на граѓаните, оцени гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, откривајќи дека за купување на банката досега интерес покажале шест инвеститори, меѓу кои и две домашни банки.

Продажбата на Алта банка е најреалното сценарио и најдобрата опција за заштита на средствата и имотот на граѓаните, оцени гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, откривајќи дека за купување на банката досега интерес покажале шест инвеститори, меѓу кои и две домашни банки.

Славески посочи дека Алта банка продолжува да работи, дека привремената администрација е мерка што се применува до промена на сопственоста и дека состојбата во банката е добра. Според него, банката е ликвидна и високо капитализирана, а мерките што се спроведуваат имаат цел да ја зачуваат ликвидноста и да ги заштитат интересите на клиентите.

Запрашан колку институции сè уште не ги исплатиле платите поради проблемите со работењето на банката, гувернерот рече дека нема такви податоци. Електронското банкарство сè уште не функционира, а правните лица немаат пристап до филијалите, поради што дел од компаниите што имаат сметки во Алта банка не можат да ги исплатат платите на вработените.

„Френетично работат ИТ-експертите да го овозможат тоа идната недела“, изјави Славески.

Како најдобра можност за надминување на состојбата, гувернерот ја посочи заштитата на имотот и средствата на граѓаните, по што би следувала продажба на банката. Тој информираше дека Народната банка активно бара купувач, но дека има и инвеститори кои самостојно пројавиле интерес.

„Според мене, најреално сценарио е да најдеме купувач за банката. Некои сами се јавуваат, а и ние сме проактивни. Ќе видиме какви се интересите, бидејќи станува збор за банка која е стабилна, има голем потенцијал за развој и е регионален лидер. Но, не можеме да зборуваме во име на инвеститорите“, рече Славески.

Тој откри дека има шест заинтересирани инвеститори, од кои две се домашни банки, и дека денеска одржал средба со претставници на заинтересираните домашни банки.

Гувернерот соопшти и три нови олеснувања за клиентите на Алта банка, кои се однесуваат на пристапот до готовина и користењето на платежните картички.