Судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева на меѓународна конференција по повод 30 години од Уставниот суд на Грузија

Васиќ-Бозаџиева се обрати на првата сесија, посветена на уставниот поредок и основните човекови права, заедно со судии од Европскиот суд за човекови права и уставните судови на Полска, Белгија и Бугарија. Васиќ-Бозаџиева се обрати на првата сесија, посветена на уставниот поредок и основните човекови права, заедно со судии од Европскиот суд за човекови права и уставните судови на Полска, Белгија и Бугарија.

Улогата на современите уставни судови во заштитата на Уставот и човековите права беше во фокусот на обраќањето на судијката на Уставниот суд на Македонија, Татјана Васиќ-Бозаџиева, на меѓународната конференција во Батуми, Грузија. Таа говореше за границите на уставносудскиот активизам и за прашањето како судовите да обезбедат ефективна заштита на Уставот, без да ја преземат улогата на законодавецот.

Судијката на Уставниот суд, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, учествува на меѓународната конференција во Батуми, организирана по повод 30-годишнината од основањето на Уставниот суд на Грузија. Централна тема на конференцијата е улогата на уставносудската контрола во државите засновани на владеење на правото.

Васиќ-Бозаџиева се обрати на првата сесија, посветена на уставниот поредок и основните човекови права, заедно со судии од Европскиот суд за човекови права и уставните судови на Полска, Белгија и Бугарија.

Во своето излагање на тема „Од негативен законодавец до позитивно нормативно влијание: границите на уставносудскиот активизам“, таа го отвори прашањето за проширувањето на улогата на современите уставни судови и нивното влијание во обликувањето на правото.

Според Васиќ-Бозаџиева, уставните судови и понатаму ја задржуваат функцијата на отстранување на противуставните норми, но нивното дејствување има и позитивна нормативна димензија, преку правните ефекти на одлуките и развојното толкување на Уставот.

Таа нагласи дека уставниот суд не треба да биде нем набљудувач на неуставноста, но ниту да ја преземе улогата на законодавецот. Легитимноста на неговото нормативно влијание, како што посочи, зависи од уставната основа, неопходноста и пропорционалноста на интервенцијата, како и од зачувувањето на надлежностите на законодавната власт.

На конференцијата, која се одржува од 4 до 6 ноември во Батуми, учествуваат претседатели и судии на уставни судови од повеќе европски и азиски држави, како и претставници на Европскиот суд за човекови права. Програмата опфаќа две тематски сесии посветени на уставниот поредок и човековите права, како и на историскиот развој на уставносудската контрола.