
Шест институции се поврзуваат во единствен систем за размена на податоци во борбата против криминалот и корупцијата
Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање и Агенцијата за управување со одземен имот денеска потпишаа Меморандумот за соработка за зајакнување на меѓуинституционалната соработка и обезбедување побезбедна и поефикасна размена на податоци во борбата со организираниот криминал, корупцијата, перењето пари и финансирањето тероризам. Меморандумот за соработка беше потпишан во рамки на проектот „Воспоставување систем за евиденција, податоци и управување со предмети на органите на прогонот“ (LERMS), финансиран од Европската Унија.
Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање и Агенцијата за управување со одземен имот денеска потпишаа Меморандумот за соработка за зајакнување на меѓуинституционалната соработка и обезбедување побезбедна и поефикасна размена на податоци во борбата со организираниот криминал, корупцијата, перењето пари и финансирањето тероризам. Меморандумот за соработка беше потпишан во рамки на проектот „Воспоставување систем за евиденција, податоци и управување со предмети на органите на прогонот“ (LERMS), финансиран од Европската Унија.
Со проектот LERMS се воспоставува заедничка, автоматизирана и одржлива платформа што ќе ги поврзе шесте институции и ќе овозможи безбедна размена на податоци, автоматизирано статистичко и аналитичко известување, како и следење на предметите низ целиот кривично-правен процес. Системот ќе овозможи следење на постапките од предистражните дејствија и кривичните пријави, преку обвинителските и судските постапки, до финансиските истраги и постапките за одземање и конфискација на имот, со што ќе се зајакнат координацијата и отчетноста на институциите.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески во обраќањето истакна дека прецизната, навремена и квалитетна информација е едно од најмоќните оружја во борбата и превенцијата на кривични дела.
– Статистичките податоци, пак, треба да ни овозможат во секој момент да имаме детален преглед на трендовите на криминалитетот за навремено и успешно да ги пресретнуваме. Криминалот на познава граници, а криминалните структури дејствуваат брзо и ги користат најнапредните технологии. Затоа, и нашиот одговор не смее да биде бавен, изолиран и заглавен во бирократски лавиринти. Светот се менува, а со него мора да се менува и начинот на кој правосудните, полициските и воопшто државните органи соработуваат – рече Савески.
Со координирана и брза размена, смета обвинителот, ќе ги спречиме сите неточни и непроверени информации, а тоа секако позитивно ќе се одрази и на довербата во нивната работа и во воспоставувањето на европските стандарди.
Директорот на Финансовата полиција Слободан Ивановски истакна дека истакна дека овој проект за нив бил од особена важност бидејќи дигитализацијата за нив е многу потребна за зајакнување на нивните капацитети посебно во делот на следење на предистражната постапка.
– Кога ние ќе поднесеме кривична пријава и кога обвинителството ќе подигне обвинителен акт или ќе ја отфрли таа пријава ние немаме доволно информации до каде е процесот, до каде е постапката, дали има судска постапка, дали е отфрлена кривичната пријава и ова е значаен исчекор во нашето информирање и во нашето следење на нашите кривилни пријави. Исто така добро е што се вмрежуваме со другите институции а и споделуваме информации и податоци кои ни се потребни со тоа го скратуваме и времето, ја подобруваме и ефикасноста и економичноста на нашата постапка. Мораме како институции да се спремаме за едно ново време, на нова ера на дигитализација каде што „папирологијата“ ќе ја сведеме на минимум – рече Ивановски.

Директорот на Финансовата полиција на новинарско прашање рече дека се надева оти ваквиот вид на вмрежување на овие шест институции ќе помогне за забрзување на носењето пресуди за одредени судски случаи, што беше нотирано во Извештајот на ЕК.
– Се надевам дека ова ќе ги забрза и ќе ја подобри ефикасноста на судството затоа што јас и во претходните изјави кажав и сега пак ќе кажам, доколку немаме правосилни пресуди излегува дека ние залудно работиме и залудно вложуваме труд и трошиме енергија. Нашата цел е секоја наша пријава да заврши со правосилна судска пресуда – рече Ивановски.

Претставничката на Делегацијата на Европската Унија во државава Роберта Кортезе истакна дека и денешниот настан е пример за тоа што може да значи партнерството помеѓу Северна Македонија и Европската Унија.
– Посилни институции, поблиска соработка меѓу институциите и конкретен напредок во областа на владеењето на правото. Во процесот на пристапување на Северна Македонија и другите земји кандидати, владеењето на правото е фундаментален приоритет. Напредокот во борбата против организираниот криминал и корупцијата се оценува не само преку законодавство и стратегии, туку пред сè, преку имплементација и одржливо досие на резултати – рече Кортезе.
Ова, како што кажа таа, бара институциите да работат заедно и да ги демонстрираат резултатите преку сигурни, конзистентни и споредливи податоци.
Кортезе порача дека секоја од институциите кои го потпишаа Меморандумот има свој мандат и експертиза, но дека сепак ЛЕРМС ќе обезбеди неопходна целосна системска перспектива и ќе ја усогласи нивната работа.
– Посебно внимание треба да се посвети на финансиските истраги и одземање на имот стекнат со криминално дело, Зајакнувањето на капацитетот за следење, замрзнување, запленување и управување со конфискуваните имоти е целосно во согласност со приоритетите на политиката на ЕУ во областа на правосудството и внатрешните работи и останува високо релевантно за процесот на пристапување – порача Кортезе.
Долгорочната вредност на ЛЕРМС ќе зависи од неговата редовна употреба, постојаната инвестиција во луѓето кои го управуваат и од волјата на институциите да ја користат информацијата што ја генерира за да ги водат реформите и да испорачаат мерливи резултати, додаде таа.