Антонијо Милошоски – пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи манипулираат дека францускиот предлог е суштински видоизменет и побара Владата да поднесе оставка.
„Димитар Ковачевски и Бујар Османи не запираат со манипулациите кон македонската јавност, особено за процесот за евроинтеграции, спорот со Бугарија и понижувачките предлози кои ги прифаќаат, тврдат дека имаат некакви забелешки и лажат дека истите се видоизменети. По легендарната лага од 2018 година во која Османи велеше дека сме добиле датум за преговори, вчера се случи уште една голема лага со која премиерот Димитар Ковачевски се обидува да го покрие дебаклот на македонската дипломатија. Ковачевски се обиде да ги изманипулира новинарите, јавноста и политичките партии дека неговот „не“ во Брисел предизвикало суштинско видоизменување на францускиот предлог за преговарачкта рамка за многу брзо да биде демантиран од министерката за надворешни работи на соседна Бугарија, а денеска и од француската амбасадорка во Софија. Затоа бараме од Ковачевски да престане со манипуалции да го објави предлогот и јавноста да види дека овој предлог суштински е истиот со оној за кој македонската јавност изгради широк консензус дека е неповолен за државата, понижувачки е, не го решава спорот со Бугарија и не не внесува во ЕУ. За ваквиот предлог не е доволно Ковачевски да се консултира само со коалициските партнери и со одбрани провладини и невладини здруженија, за вако неповолен предлог Владата треба да даде оставка да распише предвремени избори и народот да одлучи на кој начин смета дека треба да продолжи да се движи Македонија во правилна насока“ – рече Милошоски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ги разгледува сите можни демократски опции за канализирање на револтот на граѓаните во Собранието и надвор од него.
Милошоски вели дека предлогот не смее да помине бидејќи Македонија со ова губи, се понижува.
„Гледаме дека предлогот во суштина со две три козметички, споредни, вербални измени не се разликува од францускиот предлог кој веќе бугарското Собрание го ратификуваше. Затоа цениме дека изјавите на бугарската министерка за надворешни работи и на француската амбасадорка во Софија се веродостојни кога тврдат дека се работи за истиот предлог. Бараме и двата предлози да бидат објавени, бидејќи Владата работи на нетранспарентен начин“ – рече Милошоски.