Одбележување на Европската недела за безбедност и здравје при работа

Унапредувањето на безбедноста и здравјето на работните места, грижата за менталното здравје и превенцијата на психосоцијалните ризици ќе бидат во фокусот на настанот по повод Европската недела за безбедност и здравје при работа, што денеска ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Настанот е во организација на Советот за безбедност и здравје при работа, со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ), во рамки на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија.

Според организаторите, целта е да се поттикне поширока дискусија за развој на културата на превенција, споделување добри практики и за можностите за унапредување на условите за работа. На настанот ќе учествуваат претставници на државните институции, Делегацијата на ЕУ, МОТ, Европската агенција за безбедност и здравје при работа, како и претставници на работодавачите, синдикатите, компаниите и стручната јавност.

Во воведниот дел се предвидени обраќања на претседателката на Советот за безбедност и здравје при работа, Јасмина Чалоска, претставници на Министерството за економија и труд, Делегацијата на ЕУ, МОТ и Европската агенција за безбедност и здравје при работа.

Во рамки на настанот ќе бидат доделени и националните награди за добра практика во безбедноста и здравјето при работа за 2026 година, по што ќе следуваат презентации на наградените компании и панел-дискусија за предизвиците и можностите во оваа област.