Радев и Петков му потврдиле на Макрон дека го прифаќаат предлогот кој попладнево пристигна во Скопје

Францускиот претседател Емануел Макрон добил потврда од претседателот на Бугарија, Румен Радев и од премиерот во оставка, Кирил Петков дека го прифаќаат предлогот кој попладнево пристигна во Скопје.

За време на прес-конференцијата на самитот на НАТО во Мадрид, Макрон изрази надеж дека „разгледувањето на предлогот од двете страни во наредните денови ќе го потврди“ фактот дека предлогот се однесува на сите чувствителни прашања за двете страни, пренесе БГНЕС.

„Уште од овој момент претседателот и премиерот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. За усвојувањето ќе бидат потребни консултации во Скопје. Оваа одлука носи предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон додавајќи верува оти е најдено компромисно решение за преговарачката рамка за членство на Северна Македонија во Европската унија, во која е вклучена и Бугарија.

Македонската влада денеска соопшти дека официјално го добила текстот на францускиот предлог, кој Скопје го гледа како можност да се отвори широк процес на консултации прво на ниво на влада и коалициски партнери, а подоцна и со претседателот на државата, парламентот, опозицијата и граѓанскиот сектор, експертите и пошироката јавност.

„Сакаме да му се заблагодариме на претседателот Макрон и на француското претседателство за нивните напори да се надминат пречките и да се одржи европската доверба на Балканот“, се вели во соопштението на владата.