
Од употреба се повлекуваат 14 учебници за седмо одделение
Одлуката била донесена на седницата одржана на 9 октомври 2026 година. На списокот на учебници што повеќе нема да се користат се најдоа:
Македонски јазик – учебниците од Снежана Велкова и Соња Јовановска, како и од Сузана Цветковиќ и Билјана Димковска, одобрени во 2009 година.
Албански јазик – учебникот од Зихни Османи и Фејзи Бојку, одобрен во 2009 година.
Турски јазик – учебникот од Осман Емин, одобрен во 2010 година.
Српски јазик – учебникот од Добривоје Стошиќ и Билјана Георгиевска, одобрен во 2016 година.
Историја – учебниците од проф. Ненад Нанески и проф. Бехар Мехмети, како и од проф. Милан Бошковски, проф. Неби Дервиши и проф. Јордан Илиоски, одобрени во 2005 година.
Географија – учебникот од Благоја Марковски, одобрен во 2019 година.
Ликовно образование – учебниците од Данчо Ордев, како и од Ана Цветкоска Панова и м-р Ангелина Дамјаноска Наумоска, одобрени во 2008 година.
Информатика – учебникот од Андријана Томовска, одобрен во 2020 година.
Музичко образование – учебникот од Фроска Дугановска Сапунџиева, Веселинка Маџарова и Фљурим Зуљфија, одобрен во 2020 година.
Физичко и здравствено образование – учебникот од Златко Павловски, одобрен во 2008 година.
Етика – учебникот од Кирил Темков, одобрен во 2010 година.
Од Националната комисија наведуваат дека повлекувањето е спроведено согласно Законот за учебници во основното и средното образование.
Причините се разликуваат. За дел од предметите веќе се одобрени нови учебници, додека за други, според новата Концепција за основно образование и изменетите наставни планови, воопшто не е предвидено користење учебници.
Со одлуката, како што образложуваат од Комисијата, се обезбедува правна усогласеност и непречено одвивање на наставниот процес.
Страните засегнати од одлуката можат да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 30 дена од денот на нејзиното објавување на интернет-страницата на Министерството за образование и наука.