
Вилма Русковска поранешна шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и Горан Герасимовски потпретседател на СДСМ и градоначалник на Центар соговорници во новото издание на Трилинг.

„Ако во претходна постапка од страна на судија и биле одземени двата пасоши, тогаш не ја гледам вината ни кај судот, ни кај обвинителството.
– Нашите граници ни се порозни. Јас не верувам дека на легален премин ја поминала границата“, вели Вилма Русковска поранешна шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, околу Ива Михаилова, и додава дека доколку нема мерки за претпазливост, полицијата нема право да проверува дали е она дома.
Русковска смета дека по меѓународното право, по распишаната потерница од македонските власти, целиот предмет треба да се прати во Бугарија, за тие таму да го започнат судењето.
„Таа ќе одговара според бугарски закон, но не построг од македонскиот закон“, вели Русковска.
Таа категорично ги демантира и тврдењата дека дозволива преквалификација на делата од 27-ми април.
„Од почеток, до правосилност е таа квалификација. Имаше ургенции, но јас не се согласив и немаше преквалификација“.
Русковска вели дека корупцијата е подеднакво застапена и денеска и во минатото.
„Јас се обидов да се справам со корупцијата, но бев суспендирана и разрешена. Јас сум единствен обвинител, во чие време високи функционери завршија во притвор и на судење. Говорам за поранешни генерални секретари на владата. Но кога се измени кривичниот законик јас веќе бев суспендирана“.
Според неа битката со корупцијата и криминалот затајува во институциите.
„Сметам дека има доста вина и во полиција, и во обвинителство, и во судството“.
Русковска смета дека ниската доверба во македонскиот правосуден систем се должи на тоа што политичарите многу си дозволуваат да критикуваат пресуди, постапувања на обвинителството.
„Во секое жито има и коров. Но јас гарантирам најголем број на судии и обвинители се многу чесни и многу чесно си ја вршат својата работа“, додава поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
„Проблемот на секоја власт е што смета дека државата од почеток треба да почне. Затоа и судството ни е таму кај што ни е, и сите институции ни се таму кај што ни се“, вели Русковска.

„Институциите како полицијата, обвинителството и судството потфрлија во случајот со Ива Михаилова, смета градоначалникот на Општина Центар и потпретседател на СДСМ.
За евроинтегративниот процес и нерешениот процес со Бугарија, Герасимовски се навраќа на неодамнешната порака на Фон дер Лајен, која вели дека треба да се реши проблемот низ директни разговори со Софија, Герасимовски смета дека ова прашање требало да се решава веќе две години, но не се гледа дека еден чекор е направен да се отпочнат преговорите додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт.
„Од она што го гледаме ниту една земја членка на ЕУ не добила гаранција пред нивниот влез. Ние се сеќаваме на спорот помеѓу Словенија и Хрватска“, вели потпретседателот на СДСМ.
Околу „сценариото“ за формирање на широка коалиција за уставни промени и споделување на одговорноста со власта, Герасимовски вели дека за горчливи прашања за државата, и одговорноста ќе ја преземат сите политички партии.
„Кога станува збор за крупни теми, битни за државата и нејзиниот напредок, сметам дека требаше, и треба што поскоро да се седне на заедничка маса и да се изнајде решение“, вели Герасимовски.
Тој смета дека не треба да се политизираат работите кога државата е во прашање.
„Тоа е најголемата штета за Македонија“, оценува Герасимовски.
Герасимовски се осврнува и на можните предвремени избори.
„Јас лично сметам дека ќе има предвремени избори. Мислам дека ќе бидат на есен“.
Околу „Платформа 12.05“, Герасимовски смета дека тој начин на изразување на револт и незадоволство треба да се одвива во просториите на СДСМ.
„По она што го гледаме и слушаме, револтот е директно упатен кон Филипче и неговите политики“, додава Герасимовски.
Тој смета дека треба да се седне на заедничка маса и да се донесе заедничко решение.
Целото издание на Трилинг можете да го погледнете во видеото