Тотален пад на музичката ѕвезда која некогаш сјаеше од поп-небото: познатиот американски пејач Роберт „Ар“ Кели е осуден на 30 години затвор. Судот во Њујорк му изрече долгогодишна затворска казна поради тешки сексуални кривични дела, соопшти судијката Ен Донели. По повеќенеделен судски процес, кој заврши минатата година, поротата го прогласи Ар Кели за виновен по сите точки на обвинението, меѓу кои и сексуално искористување малолетници, киднапирање и поткуп.
Во текот на судскиот процес против трикратниот добитник на наградата Греми, како сведоци се појавија десетици лица, а беа презентирани и стотици докази. Кели со децении се служел со „лаги, манипулации, закани и телесно злоставување“ со цел да ги задоволи своите сексуални нагони, објасни Обвинителството. Тој, како што се тврди, имал цела низа помагачи, кои за него систематски „регрутирале“ жртви и кои го штителе. „Без нив обвинетиот немало да може да се однесува злосторнички речиси три децении“, оцени Обвинителството.
Од Обвинителството беше побара казна затвор во траење од најмалку 25 години и се аргументираше дека Ар Кели и натаму претставува „сериозна закана за општеството“. Адвокатите на некогашната супер ѕвезда, која го испеа светскиот хит „I Believe I Can Fly” бараа пониска затворска казна, во траење од најмногу 17 години.