Од филм до ТВ проект: Тоше пак е голема вест во регионот

Снимањето на филмскиот и телевизиски проект посветен на Тоше Проески, во продукција на „ОХО Продукција“, е планирано за 2027 година, додека премиерата се очекува во 2028 година, стои во соопштението од продукцијата по првото јавно претставување на проектот на фестивалот „Weekend.19“ во Ровињ.

Снимањето на филмскиот и телевизиски проект посветен на Тоше Проески, во продукција на „ОХО Продукција“, е планирано за 2027 година, додека премиерата се очекува во 2028 година, стои во соопштението од продукцијата по првото јавно претставување на проектот на фестивалот „Weekend.19“ во Ровињ.

Од „Охо Продукција“ додаваат дека точниот почеток на снимањето, актерската екипа и продукцискиот распоред дополнително ќе бидат официјално соопштени.

– Во рамките на панелот „Next Big Thing: Toše Proeski Film“, продуцентот Пеце Талески, авторот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин ја претставија амбицијата за филмски и телевизиски проект што ќе понуди повеќе од реконструкција на познатата биографија Проектот се развива во три формати, игран филм, играна серија и документарна серија – стои во соопштението.

Авторскиот тим, велат, работи на истражување базирано на архивски материјали, разговори со соработници и блиски луѓе на Тоше Проески, со цел приказната да се фокусира врз човекот зад ѕвездата, неговиот личен свет, соништа, дилеми и музички пат.

За време на панелот во Ровињ, авторот Игор Стоименов потсети и на изјавата на Тоше Проески од неговото последно интервју, дадено неколку часа пред трагичната несреќа:

– Во последното интервју, неколку часа пред трагичната смрт, Тоше рекол: „И јас би сакал да го знам тој Тоше.“ Реченицата отвора прашање што ќе биде важно и за филмот: колку навистина го познаваме човекот за кого сите имаме сопствен спомен – стои во соопштението.

Тоше пак е голема вест во регионот

Филмот за Тоше Проески сè уште не е снимен, но неговата приказна повторно го обиколи регионот. По првото јавно претставување на проектот на ОХО Продукција на Weekend.19 во Ровињ, следуваше медиумски одѕив во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и пошироко. Интересот беше особено забележлив затоа што станува збор за проект што сè уште е во развој, а не за готов филм со датум на премиера.

Хрватските редакции не ја пренесоа веста само како кратка продукциска најава. Во Jutarnji list, во текст посветен на интимната приказна за Тоше и претставувањето на Weekend.19, во фокусот се најде потрагата по личноста зад јавната слика. Gloria го постави прашањето што досега не сме го знаеле за неговиот живот, додека ELLE Hrvatska го претстави проектот како ново филмско и телевизиско читање на наследството на регионалната музичка ѕвезда.

Index ја истакна најавата за трите формати, игран филм, играна серија и документарна серија. Večernji list и Journal.hr ја пренесоа идејата за „приказната што сите ја знаат, а филмот никој сè уште не го видел“. Во 24sata, пак, беше нагласен клучниот авторски пристап: во средиштето на приказната е човекот, а не ѕвездата. Токму разликата меѓу познатата биографија и недоволно познатиот приватен свет се наметна како заедничка тема во голем дел од хрватските објави.

За проектот известуваа и tportal, Hello Magazin, Dnevnik.hr и други хрватски медиуми. Посебно значаен беше телевизискиот прилог во IN magazin на Nova TV, со изјави од авторскиот тим и осврт на истражувањето и креативниот концепт. Со тоа приказната доби национална телевизиска видливост, покрај објавите во печатените и дигиталните медиуми.

Веста брзо се прошири и во Србија. За проектот пишуваа Blic, Danas, Nova.rs, Nedeljnik, Tanjug, Beta, N1, B92, Euronews Srbija, Kurir и други редакции. Според регионалниот извештај за медиумска покриеност, само во првиот викенд по најавата биле регистрирани дванаесет објави во Србија. Присуството и во информативните и во културните рубрики покажа дека темата има поширок интерес од вообичаената вест од забавната индустрија.

Во Босна и Херцеговина објави имаа Avaz, Radio Sarajevo, Oslobođenje, Nezavisne novine, Raport и други медиуми. Приказната стигна и до медиуми во Словенија и Црна Гора. Регионалниот одѕив потсети на нешто што публиката одамна го знае: музиката на Тоше ги надминуваше границите, а неговото име и денес буди интерес во повеќе земји и генерации.

Изборот на Weekend Media Festival за првото претставување беше важен токму поради таа регионална димензија. Од 24 до 27 септември, Ровињ беше место на средба на медиумската, комуникациската, креативната и бизнис-индустријата. Во рамките на панелот „Next Big Thing: Toše Proeski Film“, продуцентот Пеце Талески, авторот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин ја претставија амбицијата за филмски и телевизиски проект што ќе понуди повеќе од реконструкција на познатата биографија.

Проектот се развива во три формати, игран филм, играна серија и документарна серија. Авторскиот тим работи со архивски материјали, разговори со луѓе што го познавале Тоше и сведоштва што можат да ја доближат личноста зад големата јавна фигура. Намерата е да се раскаже животот со неговите соништа, дилеми, односи и музички амбиции, со внимание кон човечката сложеност што често останува надвор од сцената.

Речиси деветнаесет години по смртта на Тоше Проески, неговото име повторно е голема вест во регионот.