Гореше магацин за бои и лакови во Железара, 20 пожарникари на терен го изгасија

Засега нема информации за повредени лица, ниту за причините за избувнувањето на пожарот и материјалната штета.

Пожар избувна попладнево во скопската населба Железара, каде гори магацин за бои и лакови на булевар „Александар Македонски“ бр. 67. Црн, густ чад се гледаше над Скопје.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), на терен се екипи на Бригадата за противпожарна заштита со шест противпожарни возила и 20 пожарникари.

„Гори објект – магацин за бои и лакови на булевар „Александар Македонски“ бр. 67. Во 17:10 часот на терен се излезени екипи на Бригадата за противпожарна заштита со шест противпожарни возила и 20 пожарникари. Пожарот сè уште се води како активен“, соопшти ЦУК.

Засега нема информации за повредени лица, ниту за причините за избувнувањето на пожарот и материјалната штета.

Поради тоа што станува збор за магацин во кој се складираат бои и лакови, пожарникарите интервенираат со зголемено внимание. Надлежните служби се очекува да информираат повеќе детали по завршувањето на интервенцијата.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира, дека пожарот е изгасен.