
Последно обраќање на Гутереш пред ГС на ОН: Повик за прекин на војните, реформа на институциите и контрола над вештачката интелигенција
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска го искористи своето последно обраќање пред Генералното собрание на ОН за да ги повика светските лидери да ја регулираат вештачката интелигенција, да ги запрат војните, да се фокусираат на климатските промени и темелно да ги реформираат институциите на организацијата, кои, како што предупреди, сè потешко се справуваат со глобалните предизвици.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска го искористи своето последно обраќање пред Генералното собрание на ОН за да ги повика светските лидери да ја регулираат вештачката интелигенција, да ги запрат војните, да се фокусираат на климатските промени и темелно да ги реформираат институциите на организацијата, кои, како што предупреди, сè потешко се справуваат со глобалните предизвици.
Денешниот говор на поранешниот португалски премиер, чиј втор петгодишен мандат завршува на 31 декември, беше круна на неговото десетгодишно раководење со ОН, во текот на кое тој настојуваше да ги позиционира Обединетите нации како посредник во конфликтите и како форум за управување со новите технологии, и покрај тоа што големите сили сè почесто ги заобиколуваа, а Вашингтон драстично го намали нивното финансирање.
Осврнувајќи се на состојбата на Блискиот Исток, каде што конфликтот се прошири, додека напредувањето на Хутите долж брегот на Црвеното Море ги загрозува поморските патишта, а тензиите во Ормуска Теснина не стивнуваат, Гутереш повика на „деескалација и дијалог“.
– Заедно да испратиме јасна порака од оваа сала: борбите мора да престанат. Хуманитарната помош мора непречено да пристигнува, а правата и слободите на пловидба мора целосно да бидат обновени во согласност со меѓународното право – рече Гутереш.
Делегатите со долг аплауз го поздравија неговото залагање за концептот за две држави – Израел и Палестина, како и предлогот според кој „загадувачите мора да платат“ за климатските промени. Тие го поздравија и неговиот повик за реформи на меѓународните институции – цели за кои тој се залагаше во изминатите десет години на чело на ОН.
Повторувајќи го повикот за глобален надзор над ризиците поврзани со вештачката интелигенција, во момент кога Советот за безбедност на ОН се подготвува да биде домаќин на водечки експерти од оваа област, Гутереш изјави:
– Земјите што ја предводат оваа технолошка револуција мора да споделуваат информации за новите безбедносни ризици, да соработуваат во тестирањето и процената и да работат на заеднички заштитни мерки што ќе нè заштитат сите – истакна Гутереш.
Тој ги повика лидерите собрани во Њујорк да создадат услови за одговорно темпо на развојот на вештачката интелигенција, со дополнителни заштитни мерки и мултилатерална рамка за управување со ризиците, поддржана од кредибилен и независен надзор. ОН уште во 2023 година формираа советодавно тело за вештачка интелигенција со 39 членови, меѓу кои се раководители на технолошки компании, владини претставници и академици од земји како САД, Русија и Јапонија.
Гутереш се осврна и на блокадата во работата на организацијата и на системот на ОН, кој американски претседател Доналд Трамп и други го критикуваа како преголем и неефикасен, по што Вашингтон се повлече од неколку агенции и го намали нивното финансирање.
– Нашите механизми за колективно дејствување се под сè поголем притисок, а глобалните институции сè уште ги одразуваат односите на моќ и интересите на една ера што главно е минато – изјави тој.
Гутереш го искористи денешниот говор за да се збогува со повеќето светски лидери со кои соработуваше изминатава деценија. Во завршницата порача дека и по истекот на мандатот ќе продолжи да се залага за вредностите на Повелбата на Обединетите нации и за глобален мир.
На дипломатскиот собир во Њујорк, каде што се собраа речиси 130 светски лидери, не присуствуваат кинескиот претседател Шји Џјинпинг, како и претставници на Јужна Африка, Индија и Германија.