Добра вест: Загубите од лоши кредити се намалуваат!

Иако се намалува профитабилноста на банкарскиот сектор, пред сè поради зголемените трошоци за работа, добрата вест е дека загубите од лошите кредити се намалуваат. Ова го потврдуваат новите податоци од Народната банка, според кои загубите поради оштетување ‒ исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за потенцијални кредитни загуби од вонбилансната задолженост, се намалија од 30,8 милиони евра во првото полугодие од 2025 година на 26,4 милиони евра во првото полугодие годинава.

Иако се намалува профитабилноста на банкарскиот сектор, пред сè поради зголемените трошоци за работа, добрата вест е дека загубите од лошите кредити се намалуваат. Ова го потврдуваат новите податоци од Народната банка, според кои загубите поради оштетување ‒ исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за потенцијални кредитни загуби од вонбилансната задолженост, се намалија од 30,8 милиони евра во првото полугодие од 2025 година на 26,4 милиони евра во првото полугодие годинава.

Експертите со кои разговаравме велат дека ова е позитивен тренд, што значи дека банките имаат помалку пари резервирани за лоши пласмани, односно кредити оценети како нефункционални.

Да не беше ова намалување, падот на добивката ќе беше уште поголем. Како што веќе пишуваше Пари, во првите шест месеци лани банкарскиот сектор остварил чиста добивка од 150,2 милиони евра, додека изминатово прво полугодие го заврши со нето-добивка од 137,5 милиони евра.

ШТО ВО ПРАКСА Е ИСПРАВКА НА ВРЕДНОСТ?

Исправка на вредност во банкарските извештаи, наједноставно кажано, е износ што банката го издвојува како трошок затоа што проценува дека дел од нејзините побарувања или други финансиски средства можеби нема да ги наплати во целост.

На пример: банката има кредит од 10 милиони денари. Ако процени дека клиентот има проблеми со отплатата и дека можеби нема да ги врати сите 10 милиони, банката прави исправка на вредноста – да речеме 2 милиони денари. Тие 2 милиони се признаваат како расход, односно ја намалуваат добивката.

Секако, во извештајот од Народната банка математиката е посложена, нови резервации се појавуваат, други се ослободуваат затоа што иако банките се сомневале во наплатата, сепак, успеале да наплатат пари од должниците.

Подлабинските бројки откриваат дека банките и во ова, како и во првото полугодие лани имаат речиси исто ниво на проценети нефункционални кредити, но добрата вест е што ова полугодие има поголема наплата на кредити за кои претходно имала резервација на пари, па сегашниот нето-ефект е поповолен.

Имено, банките во првото полугодие лани имале резервација на 5.646 милиони денари, а во првото полугодие годинава на 5.645 милиони денари. Но, истовремено, ослободувањето на исправката е за 4.023 милиони денари годинава, и за 3.753 милиони денари лани.

СЕ НАМАЛУВА СТАПКАТА НА НЕФУНКЦИОНАЛНИ КРЕДИТИ

Народната банка сè уште го нема објавено извештајот за вториот квартал за ризиците во банкарскиот сектор, но извештајот за првото полугодие јасно покажува намалување на стапката на нефункционални кредити, достигнувајќи го својот историски минимум.

„Кредитното портфолио на банките бележи подобрување во квалитетот. Нефункционалните кредити на нефинансиските субјекти се намалија, a кај стапката на нефункционални кредити има подобрување, бележејќи го историски најниското ниво од 1,9 насто. Намалување на нефункционалните кредити има и кај домаќинствата, и кај претпријатијата, со што и соодветните стапки на нефункционални кредити забележаа минимално подобрување, односно нивоа од 2,1 насто и 1,9 насто, соодветно“, пишува во Извештајот од Народната банка.

Преземено од Пари.мк