
Комерцбанк бара договор меѓу УниКредит и германската влада за можната аквизиција
Извршната директорка на Комерцбанк, Бетина Орлоп, ја нагласи важноста германската влада да биде вклучена во разговорите за евентуалното преземање на банката од страна на италијанската УниКредит.
Извршната директорка на Комерцбанк, Бетина Орлоп, ја нагласи важноста германската влада да биде вклучена во разговорите за евентуалното преземање на банката од страна на италијанската УниКредит.
„Важно е да има разговори меѓу двата големи акционери“, изјави Орлоп на конференција на Barclays, осврнувајќи се на средбата меѓу германскиот министер за финансии и првиот човек на УниКредит.
Според неа, евентуалната трансакција може непречено да се реализира само доколку постои договор и со вториот по големина акционер во Комерцбанк.
Орлоп и извршниот директор на УниКредит, Андреа Орчел, веќе водат формални разговори, додека можноста за преземање на германската банка станува сè поактуелна. Сепак, првите разговори покажале дека договор нема лесно да се постигне, бидејќи двете страни и натаму ги бранат сопствените стратегии.
Германската влада поседува околу 13 проценти од Комерцбанк, удел кој го задржа по спасувањето на банката за време на финансиската криза, и досега ѝ даваше поддршка на Орлоп.
Во понеделникот се одржаа и првите директни разговори меѓу Орчел и германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл за можната трансакција.
„Очекуваме Комерцбанк да остане берзанска компанија со седиште во Франкфурт и да продолжи со своето силно работење со средните компании, и во Германија и на меѓународно ниво“, изјави Клингбајл по средбата.
УниКредит веќе обезбеди удел од речиси 50 проценти во Комерцбанк. Доколку ги добие потребните регулаторни одобренија за целосно преземање на понудените акции, италијанската банка би можела да располага со мнозинство од гласовите на акционерските собранија.
Орчел претходно најави дека по евентуалното преземање би можел да го промени Надзорниот одбор на Комерцбанк, а потоа и највисокото раководство. Тој планира и намалување на меѓународната мрежа на германската банка, предлог на кој Орлоп се спротивставува.
Орлоп, пак, посочи дека Комерцбанк мора јасно да знае во која насока ќе се движи и каква стратегија ќе следи во иднина.