
ЛДП: Намалувањето на ДДВ за дизелот од 18 на 10 проценти е економска бесмислица и длабока навреда за македонскиот граѓанин
Во моменти кога цената на нафтата на светските берзи ја надминува границата од 100 долари за барел и кога со најновиот прекин на главниот нафтовод во Саудиска Арабија нѐ очекува нов, уште пожежок бран поскапувања, владината елита повторно се фали со козметички ПР-мерки.
Во моменти кога цената на нафтата на светските берзи ја надминува границата од 100 долари за барел и кога со најновиот прекин на главниот нафтовод во Саудиска Арабија нѐ очекува нов, уште пожежок бран поскапувања, владината елита повторно се фали со козметички ПР-мерки.
Намалувањето на ДДВ за дизелот од 18 на 10 проценти и фалбата на премиерот дека „сме биле поевтини од соседите“ е економска бесмислица и длабока навреда за македонскиот граѓанин. Апсурдно е да ги споредувате цените на горивата со соседна Грција или Албанија, кога граѓаните на Македонија имаат убедливо најниски примања и се најсиромашни во целиот регион. Кога дизелот оди над 100 денари, за премиерот и неговите функционери во службени џипови со државно гориво тоа можеби не е проблем, но за македонското семејство тоа значи нов удар врз веќе испостениот семеен буџет.
„Наместо да креира системски мерки за заштита на домашниот стандард, Владата со овие нетаргетирани потези практично го субвенционира соседот. Со ваквиот модел, странски државјани се изливаат во пограничните зони да точат поевтино гориво на сметка на нашиот буџет, додека нашите граѓани го плаќаат целиот ценовен шок,“ велат економските експерти на ЛДП.
ЛДП порачува на Елитата т.е. Владата: Затоа сте Влада, затоа имате државни институции и трошите милиони од буџетот за разни партиски институти и анализи — за да мислите за џебот на Македонецот, а не за тоа како ќе глумите елита со лажни споредби. Ваквата ПР-мерка нема да го спречи домино-ефектот на драстично поскапување на транспортот, храната и сите основни производи во маркетите.
Либерално-демократската партија бара итна, соодветна и таргетирана интервенција пред цените целосно да заминат во плафон. Владата мора веднаш дополнително да ги засече и намали акцизите и да воведе директни заштитни механизми исклучиво за македонските граѓани, домашните превозници, малите претпријатија и земјоделците. Ограничете ги монополските маржи и насочете го буџетот директно кај оние на кои им е најпотребен, наместо да правите ПР-повици со народни пари.
Престанете да бидете отуѓена елита и конечно почнете да работите за џебот на сопствениот народ, се нагласува во реакцијата на ЛДП.