
Осуденик кого МВР го бара со потерница се појави на бугарска телевизија – ја брани ќерка му на која ѝ се суди за сообраќајка во која загина човек во Кочани
Симеон Михаилов, кој во Македонија е осуден на затворска казна од 12 години и шест месеци и по кого сè уште е активна меѓународна потерница, се појави во бугарски медиум говорејќи за случајот на неговата ќерка Ива Михаилова.
Симеон Михаилов, кој во Македонија е осуден на затворска казна од 12 години и шест месеци и по кого сè уште е активна меѓународна потерница, се појави во бугарски медиум говорејќи за случајот на неговата ќерка Ива Михаилова.
Ива Михаилова од Кочани е обвинета во постапка поврзана со сообраќајна несреќа со смртни последици. На првото рочиште таа се изјасни дека не е виновна. Нејзиното барање да ѝ биде вратен пасошот, со кој би можела да ја напушти земјата, засега не е прифатено од судот поради потребата да се обезбеди нејзиното присуство во текот на постапката и проценката на опасност од бегство.
Појавувањето на нејзиниот татко во бугарски медиум привлече внимание поради фактот што тој самиот со години е недостапен за македонските институции.
Михаилов е осуден во предметот „Детонатор“, а меѓу делата за кои е гонет се обид за убиство, злосторничко здружување и насилство. Во еден од настаните за кои е осуден е обид за убиство на Драганчо Стоименов во скопската населба Аеродром, во рамки на случајот поврзан со кочанската група „Детонатор“.
Во првостепената постапка Михаилов бил осуден на доживотен затвор, но казната во понатамошниот тек на судската постапка била намалена и правосилно му е определена затворска казна од 12 години и шест месеци.
Во текот на постапката Михаилов ја напуштил Македонија и бил пронајден во Италија, каде што бил уапсен по меѓународна потерница. Во 2014 година бил екстрадиран во Македонија и извесен период се наоѓал во притвор.
Сепак, пред правосилноста на пресудата бил пуштен да се брани од слобода. Според објавените информации, само пет дена подоцна повторно ја напуштил земјата, пред пресудата да стане правосилна, по што повторно станал недостапен за македонските органи.
Од Министерството за внатрешни работи потврдено е дека меѓународната потерница по Михаилов и натаму е активна.
Неговото појавување во бугарски медиум повторно го отвора и прашањето за можноста тој да биде достапен за македонските институции, особено доколку поседува и бугарско државјанство. Во пракса, Бугарија не ги екстрадира сопствените државјани само врз основа на барање од друга држава, па евентуалното извршување на македонската пресуда би зависело од конкретните правни механизми и постапки меѓу двете земји.
Во меѓувреме, случајот на неговата ќерка Ива продолжува да биде предмет на интерес и во дел од бугарските медиуми, каде што покрај сообраќајната несреќа се отвораат и прашања поврзани со нејзиното бугарско самоопределување и наводите дека е изложена на притисок.