Сиљановска би сакала да се врати во детството и да се запише во училиште

„Нема подобра инвестиција од онаа во знаењето“, им порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на првачињата во Охрид, посакувајќи им успешен почеток на школувањето. И рече дека би сакала да се врати во детството и да се запише во училиште со таков амбиент и резултати.

„Нема подобра инвестиција од онаа во знаењето“, им порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на првачињата во Охрид, посакувајќи им успешен почеток на школувањето. И рече дека би сакала да се врати во детството и да се запише во училиште со таков амбиент и резултати.

Сиљановска-Давкова заедно со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, присуствуваше на првиот училишен час на првачињата во ОУ „Св. Климент Охридски“ на почетокот на новата учебна година.

Обраќајќи им се на најмладите ученици, претседателката ги повика да учат, да бидат љубопитни и да поставуваат прашања нагласувајќи дека знаењето ќе им помогне да бидат посамостојни и да имаат поголемо разбирање за светот околу себе.

„Колку повеќе ќе знаете, толку повеќе ќе разбирате, толку ќе бидете потолерантни и посамостојни. Затоа инвестирајте во себе. Учете. Нема подобар пријател од книгата“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа им рече на првачињата да се натпреваруваат не само за оценки, туку, пред сè, за знаење и успех, да бидат љубопитни и критични и да развиваат другарства со соучениците и наставниците.

„Бегајте од насилството. Бидете другари со наставниците и развивајте другарство со учениците“, нагласи претседателката.

Сиљановска-Давкова, која е родена во Охрид, истакна дека и самата би сакала да се врати во детството и да се запише во училиште со таков амбиент и резултати, а се осврна и на учителската професија.

„Нема подобра работа од учителската“, рече таа, посакувајќи им на првачињата успешно школување, многу знаење, прашања и одговори.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков им порача најмладите дека првиот училишен ден е посебен момент и дека во училиштето, покрај читањето и пишувањето, ќе научат колку се важни другарството, почитувањето и меѓусебната помош.