Клековски: Апел да се вакцинираат децата против морбили за да превенираме можна епидемија по растот на случаи во Косово и Бугарија

Да се вакцинираат децата против морбили за да се превенира можна епидемија, со оглед на тоа што расте бројот на случаи со морбили во Косово и Бугарија, апелира министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција.

Да се вакцинираат децата против морбили за да се превенира можна епидемија, со оглед на тоа што расте бројот на случаи со морбили во Косово и Бугарија – апелира министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција.

– Сакам да упатам апел до сите, поревносно да пристапат кон вакцинација против морбили. Опфатот на вакцинација е релативно низок – 62 проценти, ова го кажуваат од Институтот за јавно здравје. Ова го кажувам бидејќи во моментот расте бројот на случаи со морбили во Косово и Бугарија. Така што, имаме причина веќе да почнеме со ова алармирање и ќе се обидеме во наредните денови и недели преку повеќе активности да ги мотивираме граѓаните да ги вакцинираат децата против морбили, односно да се зголеми опфатот за да превенираме можна епидемија на морбили во државата – истакна Клековски.

На прес-конференцијата во врска со извештајот за 2025 година беше кажано дека за ниедна од вакцините што се во редовниот календар за прва доза од вакцината немаме достигнато посакуван опфат од 95 отсто.

– На пример, за хепатитис Б имаме 77 %, за хемофилус инфлуенца 78 %, дифтерија, тетанус, пертусис – тука имаме 79 %, иако имавме епидемија до 2024 година. Понатаму, за вакцината против полио исто 79 %, 62 % за МРП-вакцината и вакцините за кои релативно секогаш имаме низок опфат, тоа се ХПВ со 51 % и најновите вакцини пред некоја година внесени во календарот – рота и пневмокок со 64 и 80 %. Имаме податоци и за ревакцинацијата, таму состојбата е нешто подобра. На пример, кај МРП-вакцината, тука веќе имаме 85 % кај ревакцината – рече Драган Кочински, раководител на одделот Епидемиологија на заразните заболувања при Институтот за јавно здравје.

Но, рече тој, мора да се напомене дека сепак тоа не е доволно за да се створи колективен имунитет. За тоа е потребно, како што појасни тој, да имаме минимум 95 % и на национално, но и на регионално ниво.

Највисокиот опфат сме го имале до 2019 година кога, всушност, имавме и епидемија и кога биле преземени противепидемиски мерки со вакцинација.

– Во моментот нема епидемија во Македонија, но бидејќи имаме во соседството, ние веќе се подготвуваме и се планираат активности за мотивација на родителите да ги вакцинираат своите деца – додаде Кочински.

Во врска со имунизацијата, беше нагласено дека има редовни активности на ИЈЗ и на центрите за јавно здравје влезени и во Националната програма за јавно здравје. Тие настани биле редовни – проверки на вакциналните пунктови, пребарување на невакцинирани деца, посета на училишта и предавања, едукација од страна на епидемиолозите, така што активности се спроведувале цело време.

На новинарско прашање тој одговори дека вакцини има доволно.

Прашан за извештајот за водата во Гостивар, министерот Клековски одговори дека епидемиолошкиот извештај е готов, даден бил на други институции што се надвор од Министерството за здравство, за нивни коментари.