Учебната година почнува со 433 паралелки помалку и затвoрени 148 училишта

Иако драматично се намалува бројот на учениците ниеден наставник не е отпуштен од работа. Само неколкумина поднеле барања да станат асистенти.

Новата учебна 2026-2027 година започнува утре и наставата за сите ученици ќе трае до 10 јуни, освен за матурантите кои завршуваат на 17 мај.

Но оваа учебна година е посиромашна за 433 паралелки, од кои 222 во основно и 211 во средно образование откако Министерството за образование реши да ги спои малите паралелки во една поголема. Посиромашна учебна година имаме и во однос на запишани првачиња, па така досега се запишале 14.952 ученици во прво одделение, а во 2020 година биле родени 19.013 деца.

Притоа, како што рече министерката за образование Весна Јаневска, на денешната прес-конференција, ниту еден редовно вработен наставник не е отпуштен од работа.

Наставниците кои остануваат вишок, ќе продолжат да работат како наставници во престој или во целодневна настава, а многу мал број наставници поднеле барања за да преминат во асистенти, односно само неколку, како што посочи Јаневска.

Укажа дека трендот на намалување на бројот на ученици продолжува. Според пристигнатите податоци во МОН, учебната година ќе ја почнат 238 илјади ученици, од кои 174 илјади основци и 64 илјади средношколци. За прв пат во училишните клупи ќе седнат 14.952 првачиња. Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември времено се затворат 26 подрачни училишта. Вкупната бројка на празни училишни објекти во Македонија, претежно во руралните средини е 148. Негативниот тренд, поттикнува и реорганизација на училишната мрежа и работата на училиштата.

„Процес за кој се заложивме во изминатите неколку месеци е оптимизација на паралелките во постојните училишта, што значи спојување на помалите паралелки една со друга или приклучување кон поголемите, а во интерес на учениците – да бидат во поголемо друштво, да можат подобро да се социјализираат и да се натпреваруваат.

Не е тајна дека со години опстојуваа, на пример две паралелки со по два ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава – 222 во основното образование и 211 во средното“, објасни министерката.

Таа се пофали дека училишната мрежа е оптимизирана и во голем број училишта условите се значително подобрени, а учениците преместени во други училишта ќе одат пеш доколку училиштето им е поблизу од 2,5 километри од домот, а ќе имаат превоз ако е подалеку.

Исто така, Јаневска вели дека обезбедени се учебници за сите, а за учениците со посебни образовни потреби, ангажирани се најмногу образовни асистенти досега.

„Трета година по ред, учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Тие се испорачани и уште утре можат да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што прашањето за учебници повеќе не е предизвик како во минатото. Годинава, набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција“, рече Јаневска.

Информираше дека целосно нови учебници во полн тираж се набавени за прво, второ и трето одделение, со оглед дека тоа се учебници во кои има и работни листови, како и за осмо одделение и за втор клас во гимназиско образование, каде ќе се учи по нови наставни програми.

Во 620 училишни објекти од вкупно 1.023 во основното и средното образование ќе има едносменска настава. Јаневска рече дека тоа е концепт за кој се залага Владата, затоа што обезбедува повеќе придобивки, а најважни се интересите на децата – поголема концентрација на часовите, поголема социјализација, задржување на училиште доволно за да се совлада целиот материјал и да се стекнат соодветни вештини.

„Ги поддржуваме општините да воведуваат едносменска настава во што повеќе училишта и во таа насока градиме објекти и доградуваме училници. Во моментов министерството и Владата ги прошируваат капацитетите на 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче, Бутел, Илинден, Гази Баба и Градско, а уште 15 проекти ќе започнеме етапно во следните неколку месеци“, рече министерката.

Таа додаде дека се завршени реконструктивни активности во 20-ина училишни објекти и спортски сали. Се градат и четири нови сали кои многу скоро ќе бидат пуштени во употреба, а потсети и дека преку програмата на Владата за финансирање на капитални проекти во општините, во тек е реализација на 50тина инвестиции за изградби и реконструкции на училишта, за нови спортски сали и училишни базени.

„За да им се олесни процесот на образование на учениците со посебни образовни потреби, ангажираме 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование. За учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување, ќе потсетам дека е достапна можноста која законски ја уредивме минатата година – да се вклучат онлајн во наставата во класот или пак, наставникот индивидуално да работи со нив“, нагласи Јаневска.

Наставниците и сите други вработени во училиштата, во март 2027 ќе добијат ново зголемување на платите помеѓу 7,5 и 10 отсто во зависност од стапката на инфлација. Како што рече министерката, покачувањето е согласно договорот со СОНК од пред две години, а преку кој досега платите пораснаа за над 20 проценти, додека околу 300 наставници и стручни соработници напредуваа во звања ментор и советник, што исто така подразбира зголемен личен приход. Јаневска им се заблагодари за посветеноста кон учениците и рече дека очекува партнерскиот однос да продолжи за да се создаваат сé подобри и подобри генерации.

Во новата учебна година продолжува грижата за талентираните ученици – министерството ќе ги покрива целосно трошоците за пат и учество на меѓународни научни олимпијади. Во септември семејствата на учениците ќе можат да купуваат училишен прибор со намалена малопродажна цена за најмалку 15 отсто за што е донесена одлука од страна на Владата. Во октомври ќе бидат објавени конкурсите за ученички стипендии.