
По предупредувањето водата да не се користи за пиење во Валандово, бактериолошки неисправна излезе и водата во Крушево, а има сомнежи и за исправноста на водата во Велес.
По кризата со водата и епидемијата во Гостивар, во јавноста излегоа предупредувања, но и извештаи дека водата е загадена и низ други градови во Македонија. Неколку денови откако букна скандалот во Гостивар, прво беше најден арсен во водата во Валандово, фекални бактерии во водата во болницата во Лешок, водата во Крушево беше посочена како неисправна, а се изнесоа сомнежи за водата во Велес, пишува Слободен печат.
„Комунален сервис“ Валандово предупреди водата да не се користи за пиење сè додека не се добијат резултатите што ќе ја потврдат нејзината исправност. Тогашното ниво на арсен во водата изнесуваше 14, а максималната граница е 10.
„Водата може да се користи исклучиво како техничка вода. ЈП Комунален сервис – Валандово веќе ги презема сите потребни активности и врши дополнителни анализи и контроли на квалитетот на водата, во соработка со надлежните институции. За сите понатамошни резултати и препораки, јавноста ќе биде навремено известена“, соопшти претпријатието.