
Владата на новиот британски премиер Енди Бeрнам ќе ги намали даноците на сметките за електрична енергија, соопшти Даунинг стрит, додека се обидува да ги исполни ветувањата за ублажување на кризата со трошоците за живот.
Британската влада планира да го укине данокот на додадена вредност (ДДВ) на сметките за електрична енергија за домаќинствата од 1 октомври, според соопштението.
Тоа значи намалување на данокот од 850 милиони фунти на сметките за електрична енергија за да помогне во ублажување на притисокот врз трошоците за живот во неговото прво значајно политичко соопштение како премиер. Тоа значи дека сметките за електрична енергија ќе се намалат во просек за 45 фунти годишно од октомври.
Даунинг стрит соопшти дека овој потег делумно ќе биде финансиран со укинување на шемата за дигитална лична карта на Кир Стармер, која би чинела околу 1,8 милијарди фунти во текот на три години. Програмата за дигитална лична карта е план сите вработени да имаат дигитална лична карта, програма дизајнирана за борба против нелегалната миграција, но која беше оценета како „фијаско“ од страна на меѓупартиски парламентарен комитет.
Поради „Брегзит“, стапките на ДДВ на ЕУ се применуваат на сметките за електрична енергија во Северна Ирска, така што намалувањето нема да се примени таму, но ќе бидат дадени средства за спроведување на еквивалентно ниво на поддршка. Најавувајќи ја политиката, Барнам рече:
„Реков дека сакам да им дадам на луѓето простор за дишење и тоа е она што го објавувам на мојот втор ден како премиер. Преземаме итни мерки за намалување на даноците на сметките за енергија, ставање повеќе пари во џебовите на луѓето и враќање на надежта“.
Новоназначениот министер за финансии, Џон Хили, рече дека намалувањето ќе „ја намали инфлацијата, а воедно ќе ги поддржи домаќинствата во секој поштенски код“, сигнализирајќи ја политичката насока на новиот кабинет. Иако е добредојдена како позитивен почетен чекор за да им се помогне на луѓето да заштедат пари од сметките, политиката беше критикувана, вклучително и од лидерот на Либералните демократи, Ед Дејви, дека не оди доволно далеку.
Кабинетот на Бернам претходно објави дека еден од неговите први потези како следен британски премиер ќе биде откажување од плановите на владата за програма за дигитална лична карта.
Како нов британски премиер, Барнам сака брзо да дејствува за да покаже дека британската политика може да функционира и да го подобри животниот стандард по години стагнација.
„Вестминстер предолго ги разочарува луѓето, а семејствата се борат со трошоците за живот. Тоа мора да се промени“, рече Бернам.