
Сиљановска Давкова: Дојде време економското партнерство со Индија да го достигне квалитетот на политичките односи
Преземање активности за подигнување на билатералните односи на уште повисоко ниво од сегашното, можноста за отворање на резидентна Амбасада на Индија во земјава, но и зајакнување на економската соработка биле дел од темите на кои денеска во Скопје се осврнале претседателката Гордана Сиљановска Давкова и нејзината индиска колешка, Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на Македонија и која е прва посета на индиски претседател на државава.
Преземање активности за подигнување на билатералните односи на уште повисоко ниво од сегашното, можноста за отворање резидентна Амбасада на Индија во земјата, но и зајакнување на економската соработка – биле дел од темите на кои денеска во Скопје разговарале претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и нејзината индиска колешка Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на Македонија. Ова е прва посета на индиски претседател на државава.
На сребата, како што инфорираше Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференција со Мурму, ја потврдиле заедничката решеност билатералните односи да се издигнат на уште повисоко ниво, го поздравиле засилениот интензитет на политичкиот дијалог по министерските размени меѓу Скопје и Њу Делхи и се согласиле дека контактите меѓу владите, министерствата, парламентите и институциите треба да станат почести, подобро структурирани и поамбициозни.

– Парламентарната дипломатија останува еден од најсилните столбови на меѓународната соработка и уверена сум дека денешното обраќање на претседателката пред пратениците во нашето Собрание ќе ги зацврсти врските меѓу двата парламента и ќе отвори нови можности за парламентарен дијалог. Исто така, ја изразив нашата искрена благодарност за сè поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Ја поздравуваме секоја иницијатива за продлабочување на соработката и се надеваме на идно отворање резидентна Амбасада на Република Индија во Скопје. Денешната средба го потврди обемот на нашата билатерална агенда. Преговорите за бројни договори и меморандуми за разбирање се доказ за силната политичка волја за понатамошно институционализирање на соработката. Но, мислам дека нашата соработка не треба да запре тука. Меѓу сите теми за кои разговаравме денес, една особено се издвои. Дојде време нашето економско партнерство да го достигне квалитетот на нашите политички односи – рече Сиљановска Давкова.
Таа нагласи дека економската трансформација на Индија е, веројатно, една од највпечатливите успешни приказни на 21 век. Во текот на само една генерација, додаде претседателката, Индија прерасна во водечка економска сила во светот, станувајќи еден од глобалните центри на иновациите, дигиталните технологии и претприемништвото.
Шефицата на државата додаде дека во исто време и нашата држава има многу што да им понуди на индиските партнери.
– Да споменам само неколку предности. Сместена на крстопатот на главните европски транспортни коридори, со политичка стабилност, конкурентна деловна клима, добро квалификувана работна сила и преференцијален пристап до европските пазари, ние сме привлечна влезна точка за индиските компании што сакаат да го прошират своето присуство во Европа. Ние не сме само географска раскрсница, туку и раскрсница на идеи, иновации, инвестиции и можности – истакна таа.
Во текот на разговорите идентификувале бројни области за зајакнување на економската соработка, меѓу кои автомобилската индустрија, фармацевтската, здравството, информатичките технологии, аутсорсингот на деловни процеси, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството, логистиката и напредното производство.

Разговарале и за економијата на иднината – вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања, соработката меѓу универзитетите и развојот на новите технологии.
Попладнево, како што рече Сиљановска Давкова ќе имаат чест заедно со индиската претседателка да се обратат на Македонско-индискиот бизнис-форум и дополнително да ја охрабрат соработката меѓу компаниите на двете држави.
Минатата година трговската размена меѓу двете земји, како што посочи претседателката, достигнала приближно 133 милиони американски долари.
– Тоа е далеку под вистинскиот потенцијал. Токму затоа со претседателката Мурму го споделив моето уверување дека треба да си поставиме заедничка, поамбициозна, но остварлива цел, во следните пет години билатералната трговска размена да достигне најмалку 500 милиони американски долари. Верувам дека ваквите цели не се само израз на оптимизам, туку претставуваат стратешка определба што ќе ги поттикне владите, институциите и приватниот сектор со уште поголема решителност да работат кон мерливи резултати – нагласи Сиљановска Давкова.
Како огромен неискористен потенцијал за сорабока ги наведе и културата, образованието, науката, иновациите, младинските размени и академската соработка.
– Токму тие создаваат најдлабоки и најтрајни врски меѓу народите, бидејќи не ги поврзуваат само институциите, туку, пред сè, луѓето. Како наследници на големи историски традиции и духовни вредности, верувам дека културната дипломатија може да стане една од главните движечки сили на индиско-македонските односи. Соработката во аудиовизуелниот сектор ќе создаде нови можности за филмските режисери, продуценти и уметници од двете земји, исто како што поблиското партнерство меѓу универзитетите и научните центри ќе отвори нови врати за помладите генерации – истакна шефицата на државата.

На средбата двете претседателки разговарале и за туризмот, каде што, како што посочи Сиљановска Давкова, постои голем неискористен потенцијал.
-Нашата држава нуди недопрена природа, локалитети под заштита на УНЕСКО, богато културно наследство, древни археолошки локалитети, византиски цркви, османлиски џамии и, пред сè, искрено гостопримство. Воедно, се надеваме дека сè повеќе наши граѓани ќе имаат можност да го искусат цивилизациското богатство на Индија. Најсилните пријателства меѓу народите не ги градат само претседателите и владите, туку и студентите, уметниците, претприемачите, научниците и младите луѓе кои учат едни од други, создавајќи трајни спомени и длабоко меѓусебно разбирање – додаде таа.
Сиљановска Давкова рече дека нивните разговори потврдиле дека односите меѓу двете земји ќе се огледаат и во начинот на соработката во Обединетите нации.
Двете претседателски разговарале и за неколку значајни глобални иницијативи на Индија.
Врз основа на првичната проценка, рече Сиљановска Давкова, не гледаме пречки за приклучување на нашата држава кон Меѓународната соларна алијанса, Глобалната алијанса за биогорива и Коалицијата за инфраструктура отпорна на природни катастрофи.
– Очекуваме да ги утврдиме конкретните начини на кои нашата држава ќе може активно да придонесе за нивниот понатамошен успех – истакна Сиљановска Давкова.
Претседателката додаде дека денеска не направиле само осврт на добрите индиско-македонски односи, туку разговарале и за нивната заедничка иднина.
– Иднина на посилен политички дијалог, подобра економска соработка, растечка трговија и инвестиции, како и продлабочена соработка во науката, образованието и здравството. Верувам дека имаме цврста основа да очекуваме дека децениите што се пред нас ќе претставуваат динамичен период во развојот на нашите билатерални односи. Со нетрпение очекувам повторно да Ви посакам добредојде, а Ви благодарам и за поканата да ја посетам Индија – рече Сиљановска Давкова.