Министерот Бектеши најави можно замрзнување на цената и на оризот и на јајцата

Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска најави дека утре на владина седница ќе се разгледуваат податоците од Заводот за статистика во делот на движење на цените во трговијата на мало и трговијата на големо за месец ноември и ако има зголемување на цените, ќе донесат одлука за проширување на одлуката со дополнителни производи – на оризот и на јајцата.

Бектеши посочи и дека одлуките не важат за денешните цени, туку за цените на производите кои биле формирани од трговците од 1. декември.

„Цените од 1 декември ќе важат до 31 јануари 2022 година. Цените не може да се зголемат туку само да се намалат и затоа ние правиме напори да го зголемиме производството на електрична енергија, да нема ценовни шокови со електричната енергија и трошоците на претпријатијата да бидат помали“ рече Бектеши.