Мукаетов: Горд сум кога ќе видам производи на „Алкалоид“ во ексклузивните продавници во светот

Генералниот директор и претседателот на Управниот одбор на „Алкалоид“ – Живко Мукаетов во интервју за српски „Недељник“ вели дека годината во која го слават 85. роденден беше полна со неизвесност и предизвици, но императив е да се изгради компанија во која луѓето ќе бидат задоволни и ќе ги вложат своите потенцијали за заеднички успех. Мукаетов вели Србија седум и пол децении е дел од приказната на „Алкалоид“.

„Србија е првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата разви сопствено производство и големопродажба, во која се вработени 145 луѓе. Производствената програма на `Алкалоид` во Србија опфаќа над 160 производи од областа на фармацијата, а би го спомнал и нашиот бренд `Бекутан`, со кој пораснале и растат генерации во регионот. Производите на `Алкалоид` моментално се пласираат во над 40 земји низ светот, а компанијата има своја маркетинг-мрежа од 20 канцеларии во 14 земји. `Алкалоид` инвестираше над 200 милиони евра во нови технологии, истражување, развој и контрола на квалитетот, што придонесе нашите пласмани во последните 15 години да пораснат од 53 на над 205 милиони евра, колку што очекуваме на крајот на оваа година“, вели Мукаетов за српскиот магазин.

Тој истакна и дека 65% од пласманите на компанијата се наменети за извоз.

„Овој однос беше обратен пред две децении во корист на домашниот пазар. Задоволството е навистина големо кога ќе го видам логото на `Алкалоид` (Made in Macedonia) на полиците на ексклузивните продавници во Северна Америка. Канада, Италија, Австрија, Шпанија и Португалија се некои од нашите нови пазари во последните неколку години. Глобализацијата на брендот `Алкалоид` е она на што планираме да останеме фокусирани“ – категоричен е Мукаетов.