Гран при за „Анна“ и „Златен лав“ за Маја Љутков на фестивал во Умаг

Претставата „Анна“ според текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ, освои Гран при на 27. Меѓународен фестивал на камерен театар „Златен лав“ што заврши синоќа во Умаг, Хрватска. Актерката што ја толкува насловната улога, Маја Љутков, ја доби наградата за најдобра актерка. Претставата е копродукција помеѓу Театар Комедија Скопје и „Перипетија продукција“.

Како што се наведува во образложението на одлуката, „наградата ѝ се доделува на моќна и потресна драма која остава длабока емоционална трага и го поставува прашањето: во каков свет живееме. Брутално и искрено, современата адаптација на класиката „Ана Каренина“ од Лав Толстој ги прикажува семејните проблеми и играта на моќта, префрлајќи го тежиштето од конзервативното аристократско општество, во кое репутацијата е сè, кон социјалните мрежи и кревкиот свет на инфлуенсерите, во кој репутацијата повторно е најважна“.

Според оценката на жирито, „Маја Љутков една од најтешките улоги од класичната литература – Толстоевата Ана Каренина – ја одигра сигурно, современо и длабоко промислено, претворајќи ја Ана во икона на современото општество со која не е тешко да се идентификува публиката“.

Жирито го сочинуваа Мирна Фаркаш Саламон, Марија Пуришиќ и Ксенија Клајиќ Павловиќ. На фестивалот учествуваа истакнати театарски уметници и ансамбли од Хрватска, Словенија, Италија и други земји од регионот. Мотото на фестивалот беше „На работ на разумот“ и понуди шест театарски остварувања од Хрватска, Словенија и од Македонија – од современи авторски интерпретации до нови читања на класиците на Антон Павлович Чехов, Тенеси Вилијамс и Гертруда Стајн.