Кај матичен лекар сами одлучете дали ќе бидете органодарител: Собранието го усвои новиот закон

Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со што се отвора можност секој полнолетен граѓанин лично да се изјасни дали сака да биде органодарител по својата смрт.

Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со што се отвора можност секој полнолетен граѓанин лично да се изјасни дали сака да биде органодарител по својата смрт.

Законот, кој беше донесен по скратена постапка, доби поддршка од 58 пратеници, додека шест гласаа против. Од Министерството за здравство оценуваат дека со овие измени значително се унапредува правната и институционалната рамка за органодарителство и трансплантација во земјата.

Една од клучните новини е проширувањето на кругот на живи дарители, така што органи ќе можат да даруваат и сродници до четврти степен на сродство. Притоа, секој случај ќе биде разгледуван од Етичка комисија, која ќе ја утврдува доброволноста на одлуката и ќе спречува можни злоупотреби.

Дополнително, се воведува и можност граѓаните преку нов дигитален модул во системот „Мој термин“ јасно да ја изразат својата волја дали сакаат да бидат органодарители. Изјаснувањето ќе биде безбедно, со двојна верификација, а граѓаните во секое време ќе можат да ја променат или повлечат својата одлука.

Според Министерството, усвоениот закон претставува значаен чекор кон воспоставување пофункционален, поефикасен и подостоинствен систем за органодарителство и трансплантација, во интерес на пациентите и на јавното здравје.

„Министерството за здравство останува посветено на понатамошно зајакнување на трансплантацискиот систем, подигнување на јавната свест и градење доверба, затоа што органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“, соопштија од Министерството за здравство, објави Скопје1.мк