Мицкоски најави построги казни за маркетите со нефер трговски практики

Премиерот Христијан Мицкоски најави нов состанок со претставници на маркетите и дистрибутерите на почетокот на следната недела, како и законски измени со кои значително ќе се заострат санкциите за компаниите што применуваат нефер трговски практики, пренесе МИА.

Премиерот Христијан Мицкоски најави нов состанок со претставници на маркетите и дистрибутерите на почетокот на следната недела, како и законски измени со кои значително ќе се заострат санкциите за компаниите што применуваат нефер трговски практики, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски посочи дека Владата ќе испрати јасна порака до учесниците на пазарот во однос на нивното однесување и почитувањето на правилата за фер конкуренција.

-Во понеделник ќе одржиме нов состанок на кој ќе упатиме силна порака за начинот на однесување на пазарот. Воедно, законските измени се во завршна фаза и предвидуваат десеткратно зголемување на казните за маркетите што ќе се однесуваат нефер – изјави премиерот.

Тој најави и засилени инспекциски контроли на терен со цел откривање и санкционирање на евентуални злоупотреби, а ги повика производителите, добавувачите и дистрибутерите активно да пријавуваат случаи на нефер трговско однесување.

Според Мицкоски, дел од злоупотребите се реализираат преку посреднички фирми и дополнителни услуги за кои се наплатуваат таканаречени „ројалити“ надоместоци, што, како што оцени, претставува прикриена форма на нефер трговска практика.

-Кога ќе се изврши инспекциски надзор, во сметководствените книги често сè изгледа уредно, но преку трети и четврти канали се наплатуваат дополнителни трошоци. Позиционирањето на производите на полиците и ваквите надоместоци се јавна тајна за која сите зборуваат. Затоа ги охрабрувам компаниите да сведочат и да пријавуваат за државата да може да реагира – истакна тој.

Во однос на инфлацијата, премиерот оцени дека Северна Македонија има една од пониските стапки во регионот и изрази очекување дека таа дополнително ќе се намалува со стабилизирањето на меѓународните економски услови и смирувањето на кризата на Блискиот Исток.

Според него, во повеќе земји од регионот инфлацијата е повисока отколку во земјава, додека домашната стапка моментално се движи меѓу 4,5 и 4,7 проценти.

-Очекувам по смирувањето на кризата и по мерките што ќе ги преземеме, инфлацијата постепено да се стабилизира и во посткризни услови да се спушти под четири проценти – нагласи Мицкоски.