ЗНМ бара реакција од надлежните институции за случајот со новинарката Анета Блажевска

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост во врска со постапките на Петар Котевски, носител на независна листа на Движењето „Бојкотирам“ од последните локални избори во Битола, насочени кон новинарката Анета Блажевска од онлајн медиумот Апла.мк.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост во врска со постапките на Петар Котевски, носител на независна листа на Движењето „Бојкотирам“ од последните локални избори во Битола, насочени кон новинарката Анета Блажевска од онлајн медиумот Апла.мк.

Станува збор за серија јавни објави на неговиот личен профил на социјалната мрежа Фејсбук, во кои се таргетира новинарката поради текстови објавени на Апла.мк, при што се изнесуваат квалификации дека станува збор за наводнo тенденциозно известување и се бара јавно извинување. Дополнително во коментарите е употребен непримерен вокабулар кој поттикнува останатите следбеници да имаат непристојни коментари кон колешката Блажевска. Ваквиот начин на комуникација претставува недозволив притисок врз новинар и обид за дискредитација на професионалната работа.

Особено загрижува и фактот што Котевски без најава се појавил на адресата на новинарката, што претставува сериозно нарушување на нејзината приватност и создава чувство на несигурност и вознемиреност. По овој инцидент, новинарката Блажевска случајот го пријавила во полиција.

„ЗНМ укажува дека ваквите постапки претставуваат директен притисок врз слободата на медиумите и можат да имаат сериозни последици врз безбедноста на новинарите. Потсетуваме дека новинарите имаат право слободно да известуваат за прашања од јавен интерес, без страв од закани, притисоци или заплашување.

Ги повикуваме надлежните институции, Министерството за внатрешни работи, итно да постапат по пријавата и да ги утврдат сите околности под кои се случил настанот.

Апелираме до сите јавни личности и политички претставници да покажат повисоко ниво на одговорност во јавната комуникација и да се воздржат од вербални напади врз новинари“, посочуваат од ЗНМ.