
На плажата во туристичкото место Неи Пори 70-годишен македонски турист за малку ќе го загубел животот додека се капел во морето.
Според грчките медиуми, мажот ненадејно ја изгубил свеста додека бил во водата, по што следувала брза интервенција на спасувачката служба. Дежурниот спасувач навреме ја забележал опасната ситуација и веднаш влегол во морето, успевајќи да го извлече туристот на безбедно.
Благодарение на навремената реакција, не било потребно да се спроведува кардиопулмонална реанимација. По извлекувањето на брегот, на туристот веднаш му бил даден кислород, по што тој почнал да покажува знаци на закрепнување и повторно се освестил.
По првичниот третман на плажата, 70-годишникот бил пренесен во болница каде останал под лекарски надзор. По два дена хоспитализација, неговата состојба целосно се стабилизирала и бил пуштен на домашно лекување.