Трамп бесен по ракетниот напад во Бејрут: Израел не требаше да нападне

Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави за утринскиот израелски напад врз Бејрут, упатувајќи досега најостри јавни критики до официјален Тел Авив.

Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави за утринскиот израелски напад врз Бејрут, упатувајќи досега најостри јавни критики до официјален Тел Авив.

Трамп рече дека овој напад не требало да се случи, особено на ден кога Вашингтон и Техеран се на работ на потпишување на историски мировен договор.

Во својата објава, Трамп јасно стави до знаење дека иако Израел има фундаментално право на самоодбрана, утринската акција на Израелските одбранбени сили (ИДФ) врз предградието Дахија во Бејрут претставува опасна и непропорционална закана за тековните преговори.

„Утринскиот напад врз Бејрут не требаше да се случи, особено на толку посебен ден кога сме толку блиску до мировен договор со Иран. Израел има право да се брани од закани, но нападот на кој одговорија беше многу мал и незначителен, никој не беше повреден, ранет или убиен. Тоа не треба да го наруши овој важен процес“, напиша Трамп.

Американскиот претседател нагласи дека договорот, кој треба да донесе стабилност во целиот регион, вклучително и Либан, е практично на работ на потпишување и упати директно барање до сите страни веднаш да се повлечат.

Трамп ја продолжи пораката поставувајќи јасни услови за двете завојувани страни, барајќи итен прекин на сите провокации што би можеле да ги поткопаат месеците интензивни дипломатски напори.

„Многу сме блиску до договор што ќе донесе мир во регионот, вклучително и во Либан, и сите страни треба да се повлечат. Не треба да има повеќе напади од страна на Израел никаде во Либан, но исто така не треба да има повеќе напади од која било друга страна, вклучително и Хезболах, против Израел“, беше јасен американскиот претседател.

Трамп ја заврши својата драматична објава во својот препознатлив стил, испраќајќи јасна порака до актерите на терен: „Ова може да биде почеток на долг и прекрасен мир, да не го уништуваме! Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање.“

Оваа експресна реакција на Трамп доаѓа веднаш откако израелската армија (ИДФ) изврши жесток напад врз густо населениот кварт Гобеири во јужен Бејрут, во кој беа убиени најмалку три лица, а 15 беа ранети.

Како што претходно оценија истакнати израелски аналитичари, како што е колумнистот на „Хаарец“, Гидеон Леви, овој напад беше очаен обид на премиерот Бенјамин Нетанјаху да предизвика нов бран насилство и да го принуди Иран да реагира, со цел да ги поткопа преговорите во последната секунда. По нападот, Иран се закани дека ќе возврати, а високи претставници од Техеран ги обвинија САД дека играат „застарена игра на добар и лош полицаец“.

Сепак, директниот јавен испад на Доналд Трамп покажува дека Вашингтон овој пат нема да толерира израелска опструкција. Додека катарските посредници во Техеран ги договараат последните детали од рамковниот договор што вклучува деблокада на Ормутскиот теснец, Трамп испрати порака дека регионалниот мир повеќе не може да биде заложник.