
Рама: Земјите од Западен Балкан мора да бидат дел од истата маса со ЕУ
Според него, Европската Унија мора да најде храброст за нов момент, како оној на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол, потсетувајќи на периодот кога Германија се обедини во време на меѓународни превирања.
Доколку Европската Унија сака да испрати силна порака до светот и да дејствува, тогаш земјите од Западен Балкан мора да бидат на иста маса со ЕУ, како што се денес, сè до моментот кога ќе станат полноправни членки на Унијата, изјави албанскиот премиер Еди Рама по пристигнувањето во Тиват.
Тој додаде дека процесот на европска интеграција мора да остане заснован на заслуги, но во исто време да се одвива постепено и со нова политичка визија.
Според него, Европската Унија мора да најде храброст за нов момент, како оној на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол, потсетувајќи на периодот кога Германија се обедини во време на меѓународни превирања.
Рама посочи дека во тоа време Кол не им кажал на Германците дека мора да поминат низ бесконечни процедури или да отворат „35 поглавја“, туку испратил порака дека мора да застанат заедно, а потоа да продолжат напред со меѓусебна поддршка.
„Европа мора да го задржи процесот заснован на заслуги. Овој процес мора да продолжи постепено. Мора да најде храброст за нов момент на Хелмут Кол. Кога светот беше во превирања, тој не им кажа на Германците дека имаат 35 поглавја за отворање. Тој рече: ’Ние сме заедно‘, а потоа со помош одиме напред. Ако ЕУ сака да испрати силна порака до светот и да си даде сила на самата себе, тогаш, како што сме денеска тука заедно на оваа маса, мора да продолжиме така, сè додека не станеме полноправни членки“, изјави Рама, кој учествува на Самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват.