Кос: Македонија и Бугарија мора да ја обноват довербата, ЕУ е подготвена да помогне
Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека Македонија и Бугарија треба да ја обноват меѓусебната доверба и преку интензивен политички дијалог да ги надминат отворените прашања. Таа нагласи дека Европската комисија е подготвена да помогне во олеснување на комуникацијата меѓу двете земји.

Во интервју за Европски Западен Балкан, Кос истакна дека евроинтеграцијата на Македонија останува приоритет за Брисел и дека лично е ангажирана за придвижување на процесот. Според неа, недостигот од доверба меѓу Скопје и Софија е една од главните пречки, поради што е потребен почест и поотворен дијалог.
Таа посочи дека Европската унија не може да ги замени билатералните разговори, но може да помогне во создавање услови за поефикасна комуникација. Решенијата, како што нагласи, треба да произлезат од директни разговори меѓу двете соседни држави.
Кос повтори дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, вклучително и уставните измени, за да продолжи напред во пристапниот процес кон ЕУ. Истовремено, оцени дека се работи за чувствителни политички прашања кои бараат внимателен пристап и градење доверба.
Според неа, иднината на Западен Балкан е во Европската унија, а земјите од регионот треба да се насочат кон соработка и надминување на историските спорови. Порача дека застојот во односите меѓу Македонија и Бугарија не смее да стане трајна пречка за европската перспектива на земјата.