
ДУИ побара истрага против директорот на МЕПСО Бурим Латифи, по меѓународната одлука која ја обврзува државата да плати 6 милиони евра штета директна последица на неговите одлуки..
„Латифи ја раскинал постојната договорна обврска со компанијата Енергоинвест од Сараево и ја заменил со ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ од Бања Лука, компанија тесно поврзана со мрежата на интереси на Милорад Додик. Меѓународниот трибунал ДАБ, кој работи според правилата на ФИДИК, ги отфрлил сите барања на МЕПСО во вредност од 19,3 милиони евра и му признал на Енергоинвест право на 6 милиони евра, кои ќе излезат од државниот буџет од џебовите на граѓаните“, велат од ДУИ.
Воедно, опозициската партија констатира дека Латифи, кој, според нив, бил именуван на чело на стратешко државно претпријатие врз семејна и политичка основа, донел одлуки кои директно го оштетиле јавниот интерес и вовеле компанија поврзана со Додик во критичната енергетска инфраструктура на држава членка на НАТО.
ДУИ од Јавното обвинителство бара итно покренување на кривична постапка против Латифи за злоупотреба на службена положба и оштетување на државниот буџет, како и целосна ревизија на сите договори потпишани за време на неговиот мандат и итно суспендирање на договорот со ЕЛНОС БЛ се до целосно разјаснување на околностите.
Од ВЛЕН, пак, реагираа дека ДУИ со години работела исклучиво на проекти за поврзување кон Србија, градејќи патишта, енергетски мрежи и далекуводи во една насока, додека, како што велат, целосно ги игнорирала стратешките врски на државата кон Албанија и Косово.
„Наместо да објасни зошто клучниот енергетски проект за енергетско поврзување со Албанија беше блокиран со години, ДУИ повторно избира да шири дезинформации и политички конструкции. Вистината е многу поедноставна и многу понепријатна за нив.
Проектот што денес го напаѓаат беше во состојба на практично целосен застој, со реализација од само 4% во период од четири години. Кога ВЛЕН ја презеде одговорноста, договорот веќе беше истечен, без реални предуслови за негово продолжување и без каква било градежна активност на терен. ДУИ ќе одговара за криминал и кочење на проектот.
ДУИ ќе треба да одговори зошто нивниот партиски член Нефи од Охрид беше главен подизведувач на проектот кој служеше само за испумпување на пари од МЕПСО. ДУИ ќе треба да одговори како тоа опремата за овој проект се наоѓаше во магацините на Нефи од Охрид. ДУИ ќе треба да одговори дали парите кои се испумпуваа од овој проект завршуваа во личните џебови на Али Ахмети и Бујар Османи“, велат од ВЛЕН.